• сабота, 23 ноември 2024

Бектеши: Буџетот е ликвиден, ако е потребно ќе има и дополнителни мерки за поддршка

Бектеши: Буџетот е ликвиден, ако е потребно ќе има и дополнителни мерки за поддршка
Скопје, 14 април 2021 (МИА) - Буџетот е ликвиден, има средства да се реализираат најавените мерки, би имало и за дополнителни мерки ако е потребно, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши. - Да ги немавме овие мерки од првите четири сета минатата година од 860 милиони евра директна поддршка, ќе имавме пад на БДП од 8,7 отсто. Замислете тогаш колку изгубени работни места ќе имавме и колку компании ќе ги изгубеа нивните пазари и ќе беа затворени. Оваа година имаме зголемување на приходите во буџетот по секоја ставка што се однесува до даноци, данок на личен доход, ддв и слично и тоа покажува дека Буџетот ќе биде ликвиден и ќе може да ги заврши обврските, рече Бектеши. Тој во гостувањето во Топ Тема на Телма телевизија истакна дека Владата секогаш е отворена за дијалог и во рамки на Економско-социјалниот дијалог се отвараат прашања и заеднички се носат одлуки. - Владата во изминатата година уште од првиот пакет мерки за поддршка на економијата за справување со последиците од пандемијата, како најголем приоритет го имаше зачувување на работните места, а мерките кои беа донесени беа во таа насока, кажа министерот за економија. Потенцираше дека Буџетот е ликвиден има средства да се да се реалзиираат најавените мерки, а би имало и за дополнителни мерки ако е потребно. Во однос на минималната плата, министерот рече дека во последните четири години таа е историски зголемена. - Ние имаме законско решение за минимална плата и да не заборавиме дека токму овој состав на Владата историски ја зголеми минималната плата од 9.000 денари на 15.200 денари согласно новото покачување, и така ќе продолжиме и понатаму, бидејќи планот е до крај на мандатот таа да порасне до 18 илјади денари, посочи Бектеши. Во однос на најавениот протест на синдикатите за непочитување на законите од страна на работодавачите, Бектеши потенцираше дека Владата ги презема сите мерки за заштита на работниците посебно кај реализацијата на ковид-мерките. - Ние како Влада ги објавивме сите компании кои добиле финансиска поддршка за исплата на плати и не ги исплатиле на работниците, а беа поднесени и кривични пријави до нив. Овие компании не можат да аплицираат за другите мерки на Владата, а за нивните вработени ние како Влада ке ги превземеме и ќе им помогнеме, рече Бектеши. Најави дека доколку продолжи пандемијата и понатаму ќе се носат мерки за најпогодените сектори. - Неколку пати до сега најавивме дека доколку има целосно затварање на одредена дејност по предлог на Комисијата за заразни болести, ние континуирано ќе креираме мерки за таа дејност и веќе креираме мерки за угостителството бидејќи две недели се затворени по одлука на Владата. Наредната недела ќе биде објавена оваа мерка и ќе почне веднаш да се реализира, потенцираше Бектеши.фф/са/

Остани поврзан