• вторник, 24 декември 2024

Бектеши-Насуј: Билатералната трговија помеѓу Северна Македонија и Романија континуирано расте, голем потенцијалот за продлабочување на економската соработка

Бектеши-Насуј: Билатералната трговија помеѓу Северна Македонија и Романија континуирано расте, голем потенцијалот за продлабочување на економската соработка
Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Букурешт имаше работна средба со романскиот министер за економија, претприемништво и туризам, Клаудиу Насуј. Средбата се одржа во рамки на настанот „Унапредување на економската и трговска соработка помеѓу Северна Македонија и Романија“ како почеток на еднонеделната промоција на домашни земјоделски и прехранбени производи „Недела на македонски производи“ во Букурешт. -Министерот Бектеши и неговиот колега Насуј разговараа за економските односи меѓу двете земји и можностите за одржување на позитивниот тренд на развој, како и зголемување со нови содржини од заеднички интерес, соопшти Министерството за економија. Романија, велат од Министерството, е 10-ти најголем трговски партнер на Северна Македонија, а билатералната соработка помеѓу двете земји бележи континуиран раст во последните десет години. Министерот Бектеши изразил очекување дека оваа билатерална соработка ќе продолжи со позитивен тренд во наредниот период и дополнително ќе се продлабочи и надеж дека Романија како пријателска земја ќе сподели искуства од Европската унија, особено што Северна Македонија, како што рекол,  е на пат за влез во Унијата. Министерот Бектеши го информирал својот романски колега за економските потенцијали на Северна Македонија и посочил дека Владата креира предвидливи политики за директна поддршка на домашните и странските инвеститори, посебно за високо технолошките и извозно ориентирани компании. Истовремено, како што нагласил министерот Бектеш, се работи на унапредување на царинските и даночни политики, со што целосно се влијае на попозитивна деловна клима во земјата. Бектеши потенцирал и дека постои голем потенцијал за унапредување на соработката меѓу двете земји пред сè во делот на на енергетиката, транспортот, туризмот, земјоделството и инфраструкурата, а двајцата министри се согласиле да продолжат со поинтензивна комуникација и заеднички да работат на креирање на модалитети со кои ќе се унапреди економската соработка помеѓу земјите. сст/дма/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан