• недела, 22 декември 2024

Безбедноста во јужниот Кавказ и источниот Медитеран во фокусот на средбата на МНР на Грција, Кипар и Ерменија

Безбедноста во јужниот Кавказ и источниот Медитеран во фокусот на средбата на МНР на Грција, Кипар и Ерменија
Атина, 20 септември 2022 (МИА) – За безбедносните прашања поврзани со јужниот Кавказ и источниот Медитеран, дискутирале министрите за надворешни работи на Грција, Кипар и Ерменија на нивната трилатерална средба во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН, јави дописничката на МИА од Атина. Според заедничката изјава по трилатералната средба, шефот на ерменската дипломатија Арарат Мирзојан „ја презентирал ситуацијата по неодамнешната азербејџанска агресија врз Ерменија“, министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас се осврнал на „ескалацијата на непријателската реторика на Турција против Грција“, а кипарскиот МНР Јоанис Касулидис ги информирал неговите колеги за „ситуацијата во Источниот Медитеран и за најновите случувања во врска со процесот на обединување на Кипар“. Пред трилатералната средба, билатерален состанок одржаа министрите за надворешни работи на Грција и Кипар, а шефот на грчката дипломатија во изјава по средбата рече дека двете земји се посветени на меѓународното право. Рече дека се против секој ревизионизмот, „од која земја и да доаѓа, а особено кога е обид да се искористи енергетската ситуација како оружје против одредени држави“. Дополнително, го повтори задоволството за  укинувањето на ембаргото на САД за продажба на оружје на Кипар. Дендиас од вчера е во Њујорк, а заедно со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој пристигнува денеска, ќе одржат низа средби на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. Шефот на грчката дипломатија рече дека лично тој ќе има над 30 контакти, а ако се земат предвид и средбите на Мицотакис, вкупно ќе имаат над 40- 45 средби. -Мислам дека е одлична можност да ги продлабочиме односите што веќе ги имаме, но исто така и да им ја објасниме на сите наши соговорници конструктивната улога што Грција ја игра во поширок регион, и на Балканот и во Источниот Медитеран. И, се разбира, да го промовираме големото национално прашање на Кипар, рече Дендиас. ср/јт/

Остани поврзан