• вторник, 24 декември 2024

БЕГ - Производство: Немаме обврска да продолжиме со дејноста во новата грејна сезона

БЕГ - Производство: Немаме обврска да продолжиме со дејноста во новата грејна сезона
Скопје, 26 септември 2022 (МИА) - Балкан Енерџи Груп БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија. Ова го наведе денеска компанијата БЕГ - Производство во соопштение по информациите дека треба да продолжи да испорачува топлинска енергија во новата грејна сезона до изборот на нов носител на лиценцата. Од компанијата наведуваат дека согласно со член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период, посочуават, БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона. -БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите.  Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика. Заради овие причини на 09.06.2022 год. БЕГ – Производство до РКЕ поднесе барање за престанок на лиценцата се со цел навремено и непречено да се избере нов носител на лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија за новата грејна сезона. На 20.06.2022 год. РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ - Производство, стои во соопштението. Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ – Производство и АД ЕСМ наведуваат дека неговата важност била до 31 март годинава, односно е  е истечен. -Од погоре наведеното очигледно е дека БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија,  велат од БЕГ Производство. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи викендот изјави дека се додека не се избере економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија. Согласно законот, како што посочи Битиќи, БЕГ мора да има и резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија. Откако во јуни годинава, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои престанаа да важат одлуките за издавање лиценца за вршење енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ, Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија Јавното отворање на понудите на повиците за избор на компанија која ќе произведува, дистрибуира и ќе ги снабдува со топлинска енергија потрошувачите на дел од градот Скопје се одржа на 13 септември.  Беа доставени понуди од од ЕСМ ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје и ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, трите претпоријатија што беа формирани по одземањето на лиценците на БЕГ.
Според најавите, откако ќе биде извршена евалуацијата на пристигнатите понуди Комисијата ќе достави предлог до Владата, што ќе биде разгледан на една од наредните седници. Со јавниот повик треба да се избере компанија која ќе го преземе работењето на Балкан Енерџи Груп, откако на крајот на јуни и беа одземени лиценците за работа поради финансиска неликвидност од високата цена на природниот гас.
Компанијата „Адора Инженеринг“  во септември лани на јавна лицитација за 9,26 милиони евра ги купи топланите „Исток“ и „Запад“, коишто претставуваат основни средства за регулираното производство на топлинска енергија во градот Скопје, а кои беа во стечајна постапка. Компанијата тврди дека закуп   топланите без јасна интенција за купопродажба ќе им претставува дополнителни 550 илјади евра загуби на годишно ниво. Инсистирањето на еден од чинителите за промена на сопственоста, според вицепремиерот Фатмит Битиќи, е легитимна, но ќе биде според законите.
- Закупот е легитимна алатка преку која ќе се искористат топланите Исток и Запад и ќе се испорача топлинска енергија, а во меѓувреме има доволно временски период да се запазат сите законски процедурии ако треба да се заокружи откупот на сопственоста, изјави Битиќи. лв/дма/

Остани поврзан