Бегај: 34 години од студентското движење кое го смени текот на историјата на Албанија
- Денешниот ден, 8 декември, во Албанија се одбележува како „Ден на младоста“, откако пред 34 години Студентското движење ја донесе демократијата во земјата.
Тирана, 8 декември 2024 (МИА) - Денешниот ден, 8 декември, во Албанија се одбележува како „Ден на младоста“, откако пред 34 години Студентското движење ја донесе демократијата во земјата.
Во 1990 година, група студенти и професори од Универзитетот во Тирана направија чекор за соборување на комунистичкиот систем.
По повод овој значаен ден од историјата на земјата, шефот на државата, Бајрам Бегај, на објава на Фејсбук, напиша дека овој настан го променил текот на историјата на Албанија.
„Пред 34 години, прогресивните студенти Албанци го сменија текот на историјата на Албанија. Народното движење кое ја урна диктатурата и доведе до раѓање на плурализмот беше започнато и инспирирано од студентите. Движењето од декември '90 беше палење на народниот пламен во потрага по слобода, демократија и западни вредности, стои во објавата.
Додава дека на 8 декември, Националниот ден на младоста, "го чествуваме движењето на генерацијата студенти кои ја урнаа диктатурата и го славиме младешкиот дух на генерациите кои секогаш ќе ја движат Албанија напред".
„Денес, сите сме инспирирани од граѓанскиот и политичкиот чин, од декември 90-та, да го направиме реалност стремежот изразен во епскиот повик: „Ние ја сакаме Албанија како цела Европа! Почит засекогаш!“, пишува Бегај објавувајќи фотографии од настанот.
На настаните потсетуваат и други функционери и лидери на партии оценувајќи го 8 декември 1990 година, како еден од најзначајните датуми во албанската историја. вт/ссм/
Фејсбук страна на Бегај