• среда, 27 ноември 2024

Бегај ја презеде функцијата претседател на Албанија

Бегај ја презеде функцијата претседател на Албанија
Тирана, 24 јули 2022 (МИА) - Со давањето свечена заклетва, Бајрам Бегај и официјално ја презеде функцијата претседател на Албанија, на која ќе остане во наредните пет години. По интонирањето на химната, претседателката на Парламентот ја прочита заклетвата, по што Бегај во поздравниот збор пред пратениците во законодавниот дом, им вети на граѓаните дека ќе биде во нивна и во служба на татковината, почитувајќи ги уставните надлежности. - Денеска се заколнав дека ќе му служам на Уставот, на националниот интерес и на напредокот на албанскиот народ и ќе ја исполнувам мојата должност според принципите и нормите на Уставот. Јас ќе ја извршувам оваа мисија натпартиски, но нема да останам неутрален кон никој што и противречи на оваа заклетва, кон секој што ги става политичките интереси пред интересот на нашата нација. Секогаш ќе поддржувам, ќе се трудам и ќе инсистирам на соработка меѓу сите политички сили, во изнаоѓање заеднички јазик, во изнаоѓање начини, дури и заеднички патишта, бидејќи на крајот ние сме слуги на граѓаните и конфликтот никогаш не е слуга на доброто, порача Бегај. Во својот говор тој ја даде првата порака до власта и опозицијата. - Оваа одговорност доаѓа во историски момент за државата. Албанија влезе во неповратен европски пат. Европска Албанија, денес ветување, а утре реалност, е круна на најубавиот сон на албанскиот народ. Тоа е тестамент од историјата и благослов за иднината, јас ја знам, ја поддржувам и почитувам работата на владата, но трудот и желбата не оправдуваат никаков неуспех. Би сакал опозицијата да не гледа конфликт пред соработка. Периодот во кој живееме е еден од најнепредвидливите, рече Бегај. Потоа тој  се упати во претседателката резиденција каде го пречека досегашниот претседател Илир Мета, со кого се прегрнаа, правејќи симбол на орел со рацете. Бегај му заблагодари на Мета за соработката, и повторно вети дека ќе биде во служба на Уставот и народот, по што претседателката на Уставниот суд, Виторе Туша му го предаде Уставот. На свеченоста присуствуваше и дипломатскиот кор и други високи личности. Бегај (55) беше избран за претседател на 4 минатиот месец, со 78 гласови „за“. До тогаш тој ја вршеше функцијата началник на Генералштабот на вооружените сили, со чин генерал. Тој е осмиот претседател на Албанија, по падот на комунизмот. Но Албанија вечерва не само што доби нов шеф на државата, со доаѓањето на Бегај во претседателската резиденција земјата има и „прва дама“, титула која и недостигаше на Албанија во изминатите пет години. Арманда Бегај (54) ќе биде „прва дама“ на Албанија. Таа е вработена во  Високата државна ревизија. Не ѝ е позната на јавноста, но била дел од активностите кога на нејзиниот сопруг му биле доделувани високи чинови во армијата. Кога Илир Мета, положи заклетва како претседател, на 24 јули 2017 година, неговата сопруга Моника Круемади ја одби почесната титула „прва дама“ продолжувајќи ја политичката кариера, како лидер на Движењето за социјалистичка интеграција и ѝ го препушти местото на повозрасната ќерка Бора. вт/ми/

Остани поврзан