• среда, 25 декември 2024

Бајиќ: Задоволен сум, особено од енергијата на момците во првото полувреме

Бајиќ: Задоволен сум, особено од енергијата на момците во првото полувреме
Скопје, 3 август 2021 (МИА) – Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Драган Бајиќ, ги искажа своите впечатоци по пријателскиот натпревар со Црна Гора одигран вчеравечер во Скопје. Црногорците славеа победа со 81:59, а на полувреме водеа со 38:34. -Не гледам премногу на крајниот резултат, но сигурно е дека следува комплетна анализа на второто полувреме. Со оглед на тоа дека ова беше нашата прва контролна средба, можам да бидам задоволен, дури и повеќе од тоа. Она што го барав од моите избраници, го испочитуваа во таа фаза до натпреварот. Во продолжението, се почувствува онаа „ширина“ која Црна Гора ја има во ростерот во однос на нас. Се виде дека се на некои два-три степени погоре во однос на физичка сила која и пресуди да бидат победници. Ние имаме добра атмосфера, која е потребна за турнирски систем на натпреварување. Одиме понатаму низ подготовките, истакна Бајиќ. Предводникот на нашата најдобра селекција очекува уште подобри игри, особено кога и Џејкоб Вајли ќе го фати својот играчки ритам. - Вајли се приклучи подоцна, во моментов е на некои 20-30%  од онаа вистинска форма. Но знам дека како ќе одминуваат деновите, така тој ќе ја пронајде и својата игра, не се сомневам во тоа. Утре од 19. часот, исто така во салата на СЦ „Јане Сандански“, двете селекции ќе го одиграат и вториот меѓусебен контролен натпревар. зс/

Остани поврзан