• сабота, 23 ноември 2024

Бајден и Блинкен го честитаа Денот на независноста на Украина

Бајден и Блинкен го честитаа Денот на независноста на Украина

Вашингтон, 24 август 2023 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден и државниот секретар Етони Блинкен денеска упатија честитки до украинскиот народ и раководството на земјата по повод 32-годишнината од прогласувањето на независноста.

„Денеска, народот на Украина повторно го одбележува Денот на независноста, додека го трпи сеопфатниот напад на посакуваната војна на Путин за земја и моќ. Осумнаесет месеци, украинските семејства живеат под секојдневна закана од руски ракети и реалноста на брутални напади. Но, народот на Украина одби да се скрши“, наведе американскиот претседател во честитката.

На овој Ден на независноста храбрите Украинки и Укранци ја бранат земјата од напади врз основните принципи за секоја нација на планетата – суверенитетот и територијалниот интегритет. 

„Тие уште еднаш му покажуваат на светот дека вреди да се бориме за слободата“, потенцира Бајден.

„Независноста значи слобода да ја изберете сопствената иднина. Тоа е скапоцено. Секоја година, на 4-ти јули, Американците го слават нашиот Ден на независноста како време за сеќавање на цената што ја плативме за нашата слобода и сите благослови што произлегуваат од неа. Така, денеска, додека Путин ја продолжува својата брутална војна за да ја избрише независноста на Украина и со сила да ја пречкрта картата на нашиот свет, Американците ширум земјата стојат обединети со народот на Украина“, изјави американскиот претседател и додаде дека САД ќе ја продолжат работата, заедно со партнерите од целиот свет, за поддршка на способноста на Украина да се одбрани од руската агресија, да ги поддржува основните принципи на Повелбата на ОН и да му помогне на украинскиот народ да изгради безбедна, просперитетна и независна иднина што ја заслужуваат.

На крајот од честитката претседате,лот Бајден изрази искрена надеж дека следната година Украинците ќе можат да го прослават Денот на независноста во мир и безбедност, знаејќи како нивната извонредна храброст го инспирираше светот. 

„Нека Денот на независноста на Украина биде потсетник дека силите на темнината и доминацијата никогаш нема да го изгаснат пламенот на слободата што живее во срцата на слободните луѓе насекаде“.

Државниот секретар Блинкен, од друга страна, Денот на незавинсота на Украина и го честита преку платформата Х , на која напиша „додека Украина слави 32 години како независна држава, ја пофалуваме вашата издржливост, решителност и лојалност кон вашата прекрасна земја. Додека продолжувате да се борите за вашата независност, нашата поддршка нема да биде поколебана“. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан