• понеделник, 16 декември 2024

Бајден го поздрави ангажманот на израелските преговарачи за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа

Бајден го поздрави ангажманот на израелските преговарачи за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа

Вашингтон, 4 јули 2024 (МИА) – Претседателот на САД, Џо Бајден, во денешниот телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, ја поздрави одлуката на израелскиот премиер да овласти преговарачи кои заедно со американските, катарските и египетските посредници да постигнат договор за прекин на огнот во Појасот Газа, соопшти Белата куќа.

Во соопштението се наведува и дека заедно со прекинот на огнот ќе оди и ослободувањето на заложниците што ги држеше Хамас.

Во телефонскиот разговор Бајден „ја потврдил својата цврста посветеност на безбедноста на Израел, вклучително и во справувањето со заканите од терористичките групи поддржани од Иран, како што е либанскиот Хезболах“.

Претходно, неименуван израелски претставник изјави дека Нетанјаху подготвува екипа за обнова на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа. Неговата одлука уследи откако вчера Хамас предложи етапен прекин на огнот.

Сè уште нема информација кога и каде би се одржале преговорите.

Преговорите се во застој откако Хамас инсистираше Израел да се согласи на целосен прекин на војната и повлекување на израелската армија од Појасот Газа. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан