• вторник, 24 декември 2024

Бајден: Американската демократија се соочува со невиден напад

Бајден: Американската демократија се соочува со невиден напад
Вашингтон, 6 јануари 2021 (МИА) - Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден изјави дека американската демократија се соочува со невиден напад. „Во овој час, нашата демократија е под напад без преседан. Никогаш не сме виделе такво нешто во модерната историја", рече Бајден. „Сцените на хаос во Капитол не ја одразуваат вистинската Америка, тие не ја претставуваат нашата вистинска природа“, додаде тој. „Ја повикувам оваа толпа да се повлече и да дозволи демократијата да оди напред“, нагласи Бајден. Тој додаде дека претседателот Доналд Трамп треба да се појави на националната телевизија и да побара прекин на опсадата. Бајден планираше да одржи говор од неговата матична држава Делавер, фокусирајќи се на тоа како да ја заживее економијата и да им обезбеди финансиска помош на сопствениците на мали бизниси погодени од пандемијата на коронавирусот. Но, непосредно пред да почне да зборува, демонстрантите упаднаа во Капитол и стигнаа до салата каде што е Претставничкиот дом. Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на своите приврзаници кои упаднаа во зградата на американскиот Конгрес „да си одат дома“. Бројни демонстранти ги преминаа полициските линии и упаднаа во Капитол, каде Конгресот требаше да го одобри изборот на демократот Џо Бајден за претседател. Поради немирите, седницата на Конгресот беше прекината. „Ја знам вашата болка, знам дека сте повредени. Видовме избори што ни беа украдени", рече Трамп во едноминутното видео споделено на социјалните мрежи. „Но, сега треба да одите дома, мора да имаме мир, да имаме ред и закон“, рече Трамп. Тој ги повтори своите неиздржани тврдења дека изборите биле нефер - обвинувања што ги разгореа страстите на насобраната толпа порано во текот на денот. Лидерите на Конгресот се евакуираат од комплексот Капитол и ќе бидат придружувани од полицијата до блиската воена база Мекнер во Вашингтон, јави Си-Ен-Ен. Претставник на федералната полиција за Си-Ен-Ен изјави дека евакуацијата е во тек. Министерството за одбрана ја активираше целата Национална гарда во Вашингтон, откако приврзаници на претседателот Доналд Трамп го пробија полицискиот кордон и упаднаа во зградата на Конгресот на Капитол. Џонатан Хофман, главниот портпарол на Пентагон, потврди дека Националната гарда е мобилизирана. Најмалку три експлозивни направи биле пронајдена во близина на Капитол за време на демонстрациите на приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп.  Полицијата соопшти дека тоа веќе не е закана. Повеќе полицајци се повредени, а најмалку еден е пренесен во болницата, јави Си-Ен-Ен. Дел од американските медиуми јавија дека една жена е повредено од огнено оружје. Од 18 часот по локално време почнува полициски чќас во Вашингтон за кој објави градоначалничката Мјуриел Баузер. зш/    

Остани поврзан