• четврток, 26 декември 2024

Бауер: НАТО не ги остава своите партнери сами да се соочуваат со предизвиците и заканите

Бауер: НАТО не ги остава своите партнери сами да се соочуваат со предизвиците и заканите

Брисел, 18 јануари 2024 (МИА) - НАТО е посилен и поподготвен од кога и да било досега и заедно постигнавме значително зајакнување на нашата колективна безбедност, но сакаме и мораме да сториме повеќе со цел да се справиме со сите потенцијални закани, изјави претседателот на Воениот комитет на Алијансата, адмирал Роб Бауер на прес-конференцијата по завршувањето на дводневното заседание на ова тело кое ги вклучува началниците на Генералштабовите на Вооружени сили на земјите членки на Пактот. 

Тој истакна дека сојузниците во НАТО работат на подобрување на спроведливоста на новите воените плановите, со цел тие да можат да се спроведуваат со минимален ризик. 

Според него, за остварување на новите стратегии и планови на НАТО потребен е нов пристап на целото општество и да се гледа на состојбите од поинаква перспектива, да се применат нови и различни начини на работа и да се акумулираат различни перспективи за заканата со цел да се постигне поголема ефикасност. 

- Потребен ни е целосно нов пристап во соработката на јавниот и приватниот во одбранбената индустрија, додаде Бауер.  

Тој истакна дека во пресрет на овогодишниот Самит во Вашингтон, НАТО е насочен кон зајакнување на своето партнерството со јужното соседство, па за таа цел денеска членовите на Воениот комитет се сретнаа со нивните колеги од земјите од Партнерската група за застапување на интероперабилноста (ПИАГ) и од државите од Индо-пацифичкиот регион за да разговараат за  стратешката безбедносна ситуација, предизвиците и нивните импликации врз глобалната безбедност.    

- Безбедноста не е локална, таа е поврзана и затоа мора да разговараме со партнерите за настаните што не засегаат сите. Средбата со нашите партнери не потсети дека никој не е оставен сам да се соочува со предизвиците и заканите. Се додека имаш партнери, имаш и подобри решенија, потенцира Бауер. 

Тој информира и дека членовите на Воениот комитет имале средба и претставникот на Украина во НАТО кој ги информирал за состојбите на теренот во конфликтот во земјата и за нејзините одбранбени потреби.  

- Иако последните напади на Русија беа досега најразурнувачки тие не беа воено ефикасни и во исто време се гледаат успеси на украинската страна. Ако во 2023 година бевме премногу оптимисти, нужно е во 2024 година да не станеме премногу песимисти. Денеска е 694-от ден од она што Русија мислеше дека ќе биде тридневна војна, но Украина опстои како суверена и независна држава во Европа и е поблиску до евроатлантското семејство од кога било досега, додаде Бауер. 

Тој истакна дека Русија се соочува со се поголеми загуби на луѓе и опрема, а Украина успеа да ги потисне руските сили, повраќајќи контрола врз околу половина од територијата што на почетокот на војната ја окупираа Русите. 

- Сите членови на Комитетот ја потврдија својата силна посветеност да им помогнат на нашите украински браќа и сестри во нивната самоодбрана. Ова не е милосрдие, поддршката на Украина е директна инвестиција во нашата безбедност, нагласи Бауер, додавајќи дека единствен начин за да се дојде до позиција за преговори е да се зајакне Украина на бојното поле. 

Во однос на очекувањата од конфликтот, Бауер рече дека војната не може секогаш да се планира и да се предвиди однапред, но дека Русија веројатно ќе продолжи со нападите, иако се соочува со недостиг на персонал и опрема, за што доказ е тоа што се свртува кон Иран и Северна Кореја за набавка на оружје, дронови и ракети. 

Според него, двете земји се во фаза на војната кога не напредуваат, но сигурно ќе продолжат со иницијативи и ќе гледаат можност за остварување на некоја своја цел.  

- Ако Русите денеска ја напуштат Украина - војната ќе заврши. Но, ако Украинците ја запрат борбата, ќе ја загубат нивната земја. За нив нема алтернатива. Тие мора да продолжат да се борат, изјави Бауер. 

Според холандскиот адмирал, во плановите на Алијансата е наведено дека меѓу заканите со кои таа може да се соочи се Русија и терористичките групи и затоа НАТО се подготвува да одговори доколку биде нападнат и е подготвен да справи со ваквите закани. 

Врховниот командант на Сојузничките сили за Европа, генерал Кристофер Каволи, од своја страна, истакна дека НАТО има план и стратегија за зајакнување на безбедноста и одбраната на евроатлантската област. 

Во тие рамки тој го најави одржувањето на воената вежба „Непоколеблив бранител 2024“, што ќе започне следната недела и ќе трае до мај, со учество на приближно 90.000 војници од членките на НАТО и Шведска, што овие маневри на Алијансата ги прави едни од најголемите во последниве децении.  

- „Непоколеблив бранител 2024“ ќе биде јасна демонстрација на нашите единство, моќ и посветеност да се браниме едни со други, нашите вредности и меѓународниот поредок заснован на правила, додаде Каволи. 

Тој истакна дека во рамките на напорите на зајакнување на НАТО е и формирањето на Стратешките силите за брзо распоредување, како нова структура во Алијансата, со седиште во Италија. 

На забелешката дека се повторуваат истите најави од пред една година оти НАТО планира реформи, зајакнување и прилагодување, Каволи истакна дека му е жал што е оставен таков впечаток, потенцирајќи дека Командата на Сојузничките сили за Европа со кој тој раководи веќе е реорганизирана во согласност со актуелните случувања за да може да реагира согласно потребите. 

Заменик врховниот командант на Сојузничките сили за трансформација, генерал Крис Бадија, во обраќањето на прес-конференцијата истакна дека НАТО мора да биде подготвен да одговори на сите предизвици со кои може да се соочи. 

- Мора да се осигураме да бидеме поагилни и пофлексибилни и работиме на тоа. Војните во иднина ќе бидат покомплексни и во повеќе домени и затоа мора да бидеме сигурни дека ќе бидеме побрзи и подобри од нашите конкуренти во сите аспекти, рече Бадија. 

За таа цел, според него, потреба е трансформација која не е еднократен настан, туку нешто што треба да се работи постојано, со цел НАТО да биде подобар и на копно, и во воздух и на море, како и да обезбеди флексибилна команда, интероперабилност и способност да одговори на заканите. 

За да се постигне сето ова, според Бадија, ќе биде потребна интеракција и соработка за користење на цивилната инфраструктура за воени потреби, како и поврзување и синергија меѓу воените и невоените елементи.  

- Трансформацијата не е луксуз за НАТО, туку неопходност и мора да бидеме подготвени за неа, нагласи Бадија. 

На заседанието на Воениот комитет на НАТО, земјава ја претставуваше началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој покрај учеството на сесиите на Комитетот, имаше и средби со негови колеги со кои разговараше за повеќе теми од взаемен билатерален интерес во сферата на одбраната. сп/

Фото: НАТО

Остани поврзан