• понеделник, 10 март 2025

Барањата за азил во Германија значително намалени на почетокот на годината

Барањата за азил во Германија значително намалени на почетокот на годината

Берлин, 7 март 2025 (МИА) - Бројот на барања за азил во Германија во јануари и февруари е значително помал во однос на истиот период минатата година, објави Федералната канцеларија за миграција и бегалци.

Канцеларијата објави дека вкупно 29.947 лица поднеле барање за азил во јануари и февруари - што е намалување за 43,4 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Околу 19,1 отсто од апликантите добиле статус на заштита или право на престој поради забрана за депортација во првите два месеца од годината, во споредба со 45 отсто во истиот период во 2024 година.

Помалиот број главно се должи на суспензијата на одлуките за барањата на сириските граѓани по соборувањето на долгогодишниот претседател на земјата, Башар ал Асад, во декември.

Сирија и понатаму е на врвот на листата на главни земји на потекло на барателите на азил во Германија, со тоа што сириските граѓани поднеле 27,7 отсто од барањата за азил во февруари, а потоа следат Авганистанците со 15,3 отсто и турските апликанти со 10 отсто, покажуваат податоците на Федералната канцеларија за миграција и бегалци.

Оние кои аплицирале во последните 12 месеци добивале решение во просек по 4,3 месеци.

Бројот на барања за азил поднесени за првпат во Германија се намали на 229.751 во 2024 година, што е намалување од 30,2 отсто во споредба со 2023 година.

Бројот на барања за азил во Европската унија, Норвешка и Швајцарија, исто така, падна за 12 отсто во овој период, соопшти Федералната канцеларија за миграција и бегалци. паг/

Фото: МИА архива

 



Остани поврзан