• вторник, 24 декември 2024

Ахмети од Дебар: Премиер Албанец ја зголемува довербата меѓу заедниците

Ахмети од Дебар: Премиер Албанец ја зголемува довербата меѓу заедниците
Дебар, 5 јули 2020 (МИА) - Со вашата масовна поддршка, како и досега, ќе ја оствариме и оваа идеја, Северна Македонија да има прв премир Албанец. Убеден сум дека нема сила која ќе ја запре идејата на ДУИ. Не можам да ги разберам Заев, Мицковски и други лидери на партии, зошто не може да ја поддржат идејата и ние да станеме дел од напредокот на оваа земја. Треба да знаат дека сонот за прв премиер Албанец ја зголемува довербата меѓу заедниците, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети од изборниот собир одржан вечерва во дворот на деветтолетката „Пенестија“ во Дебар. Додаде дека премиерот Албанец нема да работи само за Албанците, туку за сите етнички заедници во оваа земја, за нејзиниот напредок во секој поглед. -Дваесет години инвестиравме многу за младите, со кои се гордееме. Многу сум горд на нив. Како што придонесовме за влез во НАТО, така сме целосно ангажирани и за членството на земјава во ЕУ. Ние сме подготвени, имаме способен и умен кадар, за да се справиме со секоја ситуација. Не чека уште многу работа за да станеме дел од европското семејство, рече Ахмети. Посочи дека неговата партија не се занимава со навреди кон другите и додаде оти потребно ни е заедништво за остварување на европскиот сон и развој на државата што ќе обезбеди подобри услови за сите, посебно за младите да останат тука. Пред дебрани се обрати и кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери. - Нашата визија е праведна, таа визија е за сите, без оглед на национална, верска или партиска припадност. Ова е една голема одлука на лидерот на ДУИ која сум убеден дека ќе стане реалност со што ќе го урнеме и последниот бастион за рамноправност, зашто не земаме ни грам од никого, туку го реализираме она што ни припаѓа, рече Зибери. Тој упати повик до Албанците, Македонците, Турците и сите други да излезат и да гласаат на 15 јули за ДУИ, а кога ќе биде премиер вети дека ќе дојде во Дебар за да ги реализира сите ветувања зашто, како што рече, тоа го заслужуваат и градот и неговите жители. На масовност и поддршка на неговата партија на изборите на 15 јули повика и носителот на кандидатската листа на партијата во ИЕ 5 Талат Џафери, кој порача да се почитуваат сите мерки за заштита на здравјето на граѓаните. -Посетивме многу места од Маврово до Преспа и ја добивме пораката од сите Албанци од овие зони дека ја поддржуваат и стојат зад идејата на лидерот Али Ахмети за прв премиер Албанец, кој ќе биде премиер за сите. Затоа излезете масовно за да ја реализираме оваа идеја, порача Џафери. Пред дебрани се обратија и градоначалникот на Дебар Хекуран Дука и Арбана Пашоли, професрка од дебарската гимназија, која е на кандидатската листа.вт/мд/  

Остани поврзан