• сабота, 23 ноември 2024

Ахмети: Во борбата против корупцијата за да биде процесот кредибилен да има и меѓународни експерти

Ахмети: Во борбата против корупцијата за да биде процесот кредибилен да има и меѓународни експерти

Тетово, 2 јули 2023 (МИА) - Претседателот на ДУИ, Али Ахмети смета дека со меѓународни експерти ќе има кредибилен процес во борбата против корупцијата. Ова го истакна на прес-конференцијата по завршување на внатрепартиските избори на неколку новинарски прашања поврзани со дилемите во јавноста дали има влијание и корупција околу бизнисите на членовите на неговото пошироко семејство и како и другите партиски функционери во ДУИ.

- За да бидеме посериозни, јас сум зборувал и со другите политички партии, за да сите се солидаризираме околу ова прашање-борбата против корупција. Но за да биде процесот кредибилен, да има и меѓународни експерти во тоа, за да овој процес биде доверлив за граѓаните, но и за тие коишто ќе бидат прогласени како виновни бидејќи некој може да каже дека ова е одмазда и затоа побаравме да има експерти од страна на меѓународната заедница, правни експерти кои што би ни помогнале во овој процес. Борбата против корупцијата не е лесна, доколку нема одржливо партнерство меѓу политичките партии. Јас сум кажал дека не се сите ангели во ДУИ но јас имам политички органи, немам јас обвинителски органи. За да биде процесот кредибилен бараме меѓународната заедница да прати, меѓународни експерти за да стане доверлив процесот, рече Ахмети.

Тој воедно истакна дека голем е бројот на функционери на ДУИ кои во изминатите 21 година биле дел од институциите и затоа за сите треба да има истрага.

- Ние официјално, тука во оваа сала е донесена одлука во којашто е побарано да се отвори истрага за сите функционери на ДУИ почнувајќи од мене. Да се почне истрагата, и оваа одлука е поднесено како официјално барање тогаш до Специјалното јавно обвинителство, до Јанева и до Јавниот Обвинител на кој му имам кажано дека ќе ја има мојата поддршка во Парламентот, само доколку отвори истрага за сите членови на ДУИ, почнувајќи од мене па се до последниот функционер во ДУИ, градоначалник, министри, директори. Затоа што не може партијата да биде обвинител. Ова е работа за органите кои се платени за тоа. Ниту може корупцијата поинаку да се победи и затоа јас имав покана до медиумите, ајде да создадеме партнерство, заеднички да се бориме против ова зло, бидејќи тоа се прави со заедничко координирано дејствување на политички партии и медиуми и општество. Нема ниту амнестија ниту засолниште во ДУИ. Но додека не е утврдена вина, ние не може да направиме лов на вештерки. И да ги ставиме на гилотина луѓето, туку да се направи истражен процес за сите тие кои има сомнеж дека злоупотребиле, порача Ахмети.

На новинарско прашање дали е доволна Црната листа на САД, Ахмети рече дека тоа е олеснување.

- И самиот Мерко ја замрзна својата позицијата во ДУИ, за да не се искористи тоа дека е под заштита на ДУИ или под влијание кое може партијата да го има во органите, рече Ахмети.

За барањето на ВМРО ДПМНЕ за одговорност поради бизнисот со фотоволтаици на негови блиски, Ахмети рече дека никој не е под негова лична заштита, ниту на ДУИ.

- Се што е законски треба да се почитува, сè што е незаконски, да се казни. Но јас не можам да забранам никому да имаат своите приватни бизнис ангажмани. Нека излезе кој било да каже дека е злоупотребена некоја институција, компанија во мое име, во име на функцијата која ја имам како претседател на партија или како пратеник тогаш тоа е друго прашање, одговори Ахмети.ас/лв
фото МИА 

Остани поврзан