Ахмети: Блокадата на Собранието е саботажа за граѓаните
- Лидерот на ДУИ Али Ахмети смета дека бојкотот на Парламентот што го најави опозицијата е саботажа на граѓаните.
Скопје, 9 мај 2022 (МИА) - Лидерот на ДУИ Али Ахмети смета дека бојкот на Парламентот што го најави опозицијата е саботажа за граѓаните.
- Предупредувањето на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот не му служи на здравјето на самата партија, бидејќи тоа не е поддржано од ниту една земја на ЕУ. Каква е визијата со блокадата што ја прават? Дали сакаат да си го подобрат партискиот имиџ или сакаат да бидат црна дупка во Македонија? Јас не знам која е нивната агенда и каква блокада ќе наметнат, но со саботажа на законите што се во корист на граѓаните мислам дека нема да добијат добар имиџ, вели Ахмети во интервју за ТВ Клан.
На прашањето дали е време за нова лидерска средба, Ахмети рече дека се согласува со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за средба, но за да се разговара за проблемот со Бугарија.
- Како политичка партија придонесовме за најдоброто можно решение и надминување на кризата колку што е можно полесно. Знаете дека поскапувања има во сите области, но како Влада добро се справивме со оваа ситуација. Во овие услови на криза мислам дека не треба да се оди на избори. Се согласувам со Мицкоски доколку повикува на средба за да се разговара за проблемот со Бугарија, но инаку не сметам дека е вистинско време, нагласи Ахмети.
Иселувањето на младите, според Ахмети, ќе престане ако се исполнат дадените обврски и се отворат преговорите за членство во Европската унија.
- Иселувањето ќе престане ако ги исполниме нашите обврски, нашите домашни задачи, да ги отвориме преговорите за членство во ЕУ. Тоа го запира иселувањето, бидејќи така се приближуваме до стандардите на ЕУ, рече Ахмети. мс/бак/