• среда, 27 ноември 2024

Ахмети: Да направиме фронт за да влеземе во Европската Унија

Ахмети: Да направиме фронт за да влеземе во Европската Унија

Тетово, 23 јануари 2023 (МИА) Демократската унија за интеграција од вечерва започна со серија на информативни трибини со граѓаните во тетовскиот регион по мотото „Заедно за Европа“. Првата се одржа во Тетово, а од утре следуваат и во руралните населени места на тетовското подрачје.

Функционерите на ДУИ кои се дел од извршната власт зборуваа за инфраструктурните проекти, додека претседателот на партијата Али Ахмети ги посочи главните политички цели.

-Во моментов Северна Македонија е во претсобјето за членство во Европската унија (ЕУ). Да направиме фронт за да преминеме од предсобјето во собата на ЕУ.  Оваа мисија е толку важна за нашето добро, граѓаните, Албанците, Македонците и сите други кои живеат на овие простори. Тој фронт може да се забрза со уставните измени. Овој фронт не треба да функционира само кај нас Албанците, туку и кај нашите сограѓани Македонци. Да го олесниме и скратиме патот, посочи Али Ахмети, лидер на ДУИ.

Партискиот лидер пред граѓаните и партиската членови ја истакна, како што рече, значајноста на проектот Коридор 8, но и образложи зошто се доцни со реализација. Тој рече дека нема отстапување од овој проект.  

-Не поради слабоста на извршната власт, Коридорот 8 можеше да почне со работа на 13 август минатата година, туку беше инфилтрирана фирма која ги надгледуваше работите, руска компанија камуфлирана преку Хрвати. Ни требаа шест месеци, но не добија правото на надзор на работите, бидејќи немаа  два милиони евра да ја платат банкарската гаранција, а откриено беше дека има блокирана сметка. Целата ситуација е веќе во тек и прашање на време е кога ќе почне. Изградбата на Коридорот 8 започнува од Тетово-Гостивар-Зајаз и продолжува до Ќафасан, како и Прилеп– Битола. Многу голем проект од 1 милијарда и 300 милиони евра“, нагласи Ахмети.

За политичките опоненти порача дека за 20 години, се регистрирани и одјавени 14 партии, а ДУИ ниту една не успеала да ја победи. Партиските  функционери, членови на Владата одговараа на прашања за студенски дом, филтер станица за отпадни води и други проекти во Тетово. ас/дма/

Остани поврзан