• понеделник, 23 декември 2024

АУЕ-ФОН му додели титула почесен доктор на европратеникот Ќучук

АУЕ-ФОН му додели титула почесен доктор на европратеникот Ќучук
Скопје, 9 септември 2022 (МИА) - Американскиот универзитет на Европа-ФОН денеска на свечена церемонија му додели титула почесен доктор или „Doctor Honoris Causa“ на Илхан Ќучук, европратеник и известувач на Европскиот парламент за Република Северна Македонија. Ко-сопственикот на Американскиот универзитет на Европа – ФОН Сефер Цаноски пред присутните гости честитајќи му ја титулата почесен доктор на европратеникот Илхан Ќучук истакна дека ова признание му се доделува на млад човек којшто со својот потенцијал секојдневно ги покажува европските вредности. Според Цаноски, Ќучук е пример како треба да се размислува колективно за доброто на сите. - Емпатијата, работата и секојдневниот труд кој го вложува во својата кариера, поттикната со искреност, отвореност дури во едно тешко време на предизвици, покажува дека се вистински вредности кои секогаш излегуваат на површина, истакна во своето обраќање Цаноски. Претседателот на Сенатот на АУЕ - ФОН Насер Етеми во своето образложение пред присутните гости образложи дека титулата почесен доктор му се доделува на европратеникот Ќучук за неговиот придонес во развојот на научната мисла, културата и високото образование, како и за помошта во процесот на евроинтеграцијата на Република Северна Македонија. - Како европратеник, Ќучук има значаен придонес за промоција на АУЕ-ФОН во европски рамки. На негова иницијатива, во јануари 2022 година на нашиот универзитет се одржа првата конференција „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“, со цел преку граѓанска иницијатива и низ серија конференции за соработка во областа на образованието, културата и младите, да се надминат разликите и да се приближат двата народи и држави. Со негова поддршка, АУЕ - ФОН и наставниот кадар се етаблираа и остварија значајни меѓународни соработки, особено со универзитетите од соседна Бугарија, рече Етеми. Илхан Ќучук, додаде тој, е продуктивна, почитувана и влијателна личност која со своите активности, не само што значително помага во процесот на евроинтеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ, туку помага за интернационализацијата и европеизацијата и развој на македонската академска и граѓанска заедница. На свеченоста по повод доделувањето на титулата „почесен доктор“ на европратеникот Ќучук присуствуваа бројни гости, министри, амбасадори и претставници од државниот врв, меѓу кои и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието Талат Џафери, министерката за одбрана Славјанка Петрова, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и поранешниот премиер Зоран Заев. мс/нд/

Остани поврзан