• сабота, 23 ноември 2024

Ауди ќе го чека Карлос Саинц

Ауди ќе го чека Карлос Саинц

Хинвил, 24 април 2024 (МИА) - Ауди дефинитивно сака да го привлече Карлос Саинц и да го објави тоа што е можно поскоро, но очигледно ќе мора да почекаат. Според извори од германската компанија, Саинц останува избор број 1 на Ауди за следната година, но преговорите меѓу двете страни се уште не дошле до успешен крај.

Претходно беше објавено дека Ауди му дал рок на Саинц до средината на април да одлучи дали сака да потпише со тимот од Хинвил, а се верува дека тоа всушност бил последниот од неколкуте рокови. Но, како што можете да видите, Карлос се уште не е подготвен со својот избор.

Советникот на Ред Бул, доктор Хелмут Марко веќе објави дека Ауди е подготвен да му плати многу пари на Саинц, а развојот на пазарот моментално не оди во корист на Шпанецот - Мерцедес му нуди само едногодишен договор, а Серхио Перез ги има сите шанси да го задржи своето место во Ред Бул.

Мислењето во Ауди е дека Саинц е идеалната фигура за лидер на тимот и затоа Германците ги прекинаа разговорите со сите други кандидати, додека не биде јасно дали ќе го земат Шпанецот или не. Од финансиска гледна точка, понудата на Ауди мора да биде многу дарежлива, но од спортска гледна точка, компанијата не може да му понуди многу на Карлос на краток рок - Заубер е „заглавен“ на крајот од средната колона и на тимот му треба многу нови луѓе и инвестиции за да има надеж за борба против фаворитите во Ф1. дс

Фото: Архива

Остани поврзан