• вторник, 24 декември 2024

Аудио рурална авантура низ Мариово

Аудио рурална авантура низ Мариово
Битола, 23 мај, 2021 (МИА) - Само-водечки аудио тури низ Мариово на македонски, англиски, француски, германски и знаковен јазик од сега се достапни за секој што ќе посака да и пристапи на природата со мобилен телефон како водич. Домашната и меѓународната јавност во функција имаат нов проект, „Рурална авантура“ (http://www.ruraladventure.mk), кој го реализираше здружението OFF ROAD Macedonia, за што финансиска поддршка доби од Швајцарската агенција за развој и поддршка, а во рамки на програмата преку Increasing Market Employability (IME). -Преку само-водечки тури, сега има можност со своите најблиски да се биде на ден-два во регионот Мариово, а како водич да биде користен мобилен телефон. Регионот Мариово е одличен избор за „полнење на батериите“ и прошетка во природа. Со густина на население од помалку од 4 жители на километар квадратен, Мариово е идеално за социјално дистанцирање и уште поважно за подобрување на имунитетот и менталното здравје во чиста природа. Само-водечките тури се пракса која се покажала доста успешна во многу туристички дестинации и како здружение сме особено среќни што имавме можност да имплементираме ваков проект токму во Мариово. На овој начин покрај промоција на културното и природното богатство, се подобрува и туристичка сигналитика, а воедно се збогатува и искуството на посетителите, истакна м-р Јове Парговски, координатор на проектот. Регионот Мариово и пред пандемијата предзвикана од Ковид-19, имаше јасно изразен недостиг на туристички водичи и информации за туристичките потенцијали. Луѓето на разни начини го посетуваа Мариово, но без некаков конкретен предлог на тури, локации или информации за местата кои ги посетуваа, но сега ситуацијата се подобрува, се интересираат за се, за минатото и првата светска војна, но и за сегашноста и новите инвестици, вели Парговски. -Минатата година, нашето здружение самостојно реализираше ваква тура, која се покажа успешна, а тоа беше мотив плус за IME да го подржат нашиот проект. Факт е дека Ковид ситуацијата катастрофално се одрази врз туризмот, а во новата реалност се менува и побарувачката и навиките на туристите. Сега се повеќе се бараат локации надвор од гужви, метеж и градски средини, а погледот е во природата, за помали групи. Мариово го нуди токму тоа, додава тој. Изминатата година голем број на куќи се реновираа и дел од нив веќе се издаваат за туристи, а тука се и споредните бизниси кои несомнено може да се стават во функција на туризмот, нагласи Парговски од OFF ROAD Macedonia. Во рамки на проектот креирани се содржини за 35 локации во Мариово кој е на територијата на Општина Новаци, и истите може да се прочитаат на македонски, англиски, француски, германски и знаковен јазик. Креирани се аудио нарации, кои збогатени со квалитетни фотографии, а 360 виртуелни прошетки и видеа служат за подобра промоција на регионот и обезбедување на повеќе информации за посетителите. Локациите се поврзани преку 6 предлог тури, од кои 4 се пешачки, а 2 се наменети за велосипед или теренско возило. -Доколку сакате да го посетите Мариово, треба да ја посетите нашата веб страница (http://www.ruraladventure.mk), каде покрај предлог локациите во Мариово имате и предлог тури, кои се поврзани со апликацијата izi.Travel (достапна на Google Play и iOS) која треба да ја преземите на вашиот телефон. Потоа ја избирате посакуваната тура и го оставате Вашиот телефон да ве води. Бидејќи некои локации во Мариово не се покриени со телефонски сигнал, се препорачува да ја користите апликацијата во офлајн мод и задолжително да ги прочитате и почитувате сигурноснните препораки. Дел од турите се правени да бидат погодни за целото семејство, во кои е скратено растојанитето кое треба да се помине, но се вклучени капалишта и пикник локации, каде можете да го поминете денот со вашите најблиски, појасни Парговски. Авантурите низ Мариово сега се уште попривлечни. Потребна е само желба за рурална авантура! Марјан Танушевски

Остани поврзан