Атина под силни безбедносни мерки за одбележувањето на 49-годишнината од студентскиот бунт против хунтата
- Над 5.500 полицајци, дронови и хеликоптер, полицајци во цивил, цистерни со топови вода се ангажирани денеска во Атина за безбедноста за одбележувањето на 49-годишнината од студентскиот бунт п
Атина, 17 ноември 2022 (МИА) – Над 5.500 полицајци, дронови и хеликоптер, полицајци во цивил, цистерни со топови вода се ангажирани денеска во Атина за безбедноста за одбележувањето на 49-годишнината од студентскиот бунт против хунтата, јави дописничката на МИА од Атина.
Во вторникот започна тридневната прослава, а ќе кулминира денеска со традиционалниот протестен марш од Политехничкиот факултет, односно од местото каде што започна бунтот во 1973 година, до американската амбасада во Атина.
Протестот е закажан за попладневните часови, а драконските безбедносни мерки, кои предвидуваат и затворање на три метро станици, оваа година се идентични со оние од 2019 година, односно пред пандемијата за да се избегнат било какви инциденти за време на закажаните собири.
Министерот за цивилна заштита на Грција Такис Теодорикакос во понеделникот ги повика сите учесници мирно да ја одбележат годишнината од бунтот.
Во текот на вчерашниот ден свежо цвеќе во дворот на Политехничкиот факултет положија лидерите на опозициските партии СИРИЗА, ПАСОК- Движење на промена и Комунистичката партија. ср/јт/