• понеделник, 16 декември 2024

Асоцијацијата на косовските новинари ја осуди „опасната“ реторика на премиерот Курти кон медиумите

Асоцијацијата на косовските новинари ја осуди „опасната“ реторика на премиерот Курти кон медиумите

Приштина, 9 декември 2024 (МИА) - Асоцијацијата на косовските новинари ја осуди „навредливата и опасна реторика“ на премиерот на Косово, Албин Курти, со која „косовските медиуми ги става на страната на Србија“. Вакви изјави тој даде во своето обраќање откако беше избран за кандидат на владејачката партија за премиер на претстојните парламентарни избори, пренесе косовскиот портал „КосСев“.

„Асоцијацијата на косовските новинари остро ја осудува навредливата и многу опасна реторика на премиерот Курти, со која медиумите во Косово ги става на страната на Србија. Таквиот неприфатлив речник, особено од страна на шеф на влада, директно ја загрозува безбедноста на новинарите и медиумските работници“, се наведува во изјавата на асоцијацијата.

Реакцијата следеше откако Курти ги обвини медиумите дека „секогаш ги напаѓаат косовските власти, но никогаш Србија“.

На седница на движењето „Самоопределување“, Курти повторно беше избран за кандидат за премиер на изборите закажани за 9 февруари. Во своето обраќање, тој ги обвини косовските медиуми за „омраза“ кон „Самоопределување“.

- ,Имаме држава што успеа да го прошири суверенитетот на Републиката во секој дел од територијата и што има храброст до крај да ја брани оваа територија од агресори, терористи или криминални групи. Но, овие успеси ретко се прикажуваат во некои медиуми, рече Курти. Според него, две причини стојат зад ваквата медиумска тенденција – дека владата не ги плаќа медиумите за да пишуваат позитивно за неа и дека медиумите не се плашат од власта.

Курти додаде: Тие што за секој напад на Србија ја обвинуваат нашата влада, а никогаш Србија, не го заслужуваат вашето внимание. ссм/

фото: архива

Остани поврзан