• сабота, 23 ноември 2024

Археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај Неготино

Археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај Неготино
Неготино, 3 октомври 2022 (МИА) - НУ Археолошки музеј во соработка со Универзитетот од Гдањск, Р. Полска, во изминатиот месец го реализираа меѓународниот проект „Археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај Неготино“.
-Покрај стручниот тим од Археолошкиот музеј, во проектот се вклучени професори и постдипломци од Универзитетот од Гдањск, како и археолози од Музеј на град Неготино. Локалитетот се наоѓа на западниот влез на градот Неготино, на висок рид со зарамнето плато што доминира над реката Вардар и автопатот Е75. Археолошките истражувања, изведени овде во 1983 и 1984 година, констатирале остатоци од утврден антички град, кој се развил од постара праисториска населба и егзистирал сè до доцноримскиот период, информираа денеска од Археолошкиот музеј.
Оттаму нагласија дека изобилството на локално изработени керамички садови и фигурини, калапи, печки за керамика, но и постоењето на глиништа во близината, кажуваат дека овој град имал развиена керамичарска продукција, која веројатно била и еден од главните извори на неговата економска моќ. Откриените градби, улици со тротоари и системи за одвод се сведоштво за економски силна градска населба.
- Според една од актуелните теории, на ридот Градиште во античкиот период егзистирал градот Антигонеа, подигнат во 3. век пред н.е., во време на династијата на македонските кралеви Антигониди, поточно во времето на Антигон Гонат (283-239) или Антигон Досон (229-221). За постоењето на градот Антигонеа сведочат повеќе антички пишани извори, но за неговата местоположба најрелевантен извор е познатата Појтингерова карта, според која Антигонеа се наоѓала 12 римски милји (18 км) јужно од Стоби и 17 милји (25 км) северно од Стенае (Демир Капија), соопштија од Музејот.
Тие растојанија, нагласија, во целост одговараат со местоположбата на локалитетот Градиште кај Неготино.
Оваа година тимот истражуваше на највисоката позиција на локалитетот при што се oткри дел од уличната мрежа составена од две улици кои се пресекуваат, а едната од нив е во одлична состојба поплочена со масивни камени блокови. Покрај ова се работеше и на откриените печки со цел да се утврди нивната намена, земјата од печките се флотираше за да се провери дали има биолошки остатоци. При флотирањето се пронајдоа семиња од грозје, житарици, грав и др. кои ќе бидат цел на понатамошни анализи.
Раководители на проектот се м-р Радомир Ивановиќ од Археолошкиот музеј и д-р Николас Секунда од Универзитетот Гдањск. Стручната екипа ја сочинуваа: Мила Шурбановска, м-р Перо Синадиновски, Костадинка Филипова, Стојанче Атанасов, д-р Јакуб Мосиејчук, д-р Марчин Пашке, м-р Вероника Кул, Наталија Ресзута, Мачеј Скотарек и Кристијан Рдзанек, информираа од Археолошки музеј. свд/мд/

Остани поврзан