Археолошкиот локалитет Баргала ќе се осветли наесен
- Археолошкиот локалитет Баргала конечно ќе биде осветлен. Директорот на НУ Завод и музеј - Штип, Митко Штерјов, вели дека реализацијата на проектот ќе се случи наесен. Средствата се обезбедени
Штип, 27 јули 2022 (МИА) - Археолошкиот локалитет Баргала конечно ќе биде осветлен. Директорот на НУ Завод и музеј - Штип, Митко Штерјов, вели дека реализацијата на проектот ќе се случи наесен. Средствата се обезбедени преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион, Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој.
Штерјов појаснува дека минатата година конкуриле со два проекти, првиот е за реконструкција на штипската Саат-кула, а вториот и осветлување на локалитетот Баргала.
- По неколку процеси за вреднување на проектите, на крајот остана да се реализира само проектот за осветлување на Баргала, а проектот за реставрација и конзервација на Саат-кулата не помина. Можеби, е до финансиските средства, не ја знаеме причината. Меѓутоа, ние сме задоволни кога ќе помине барем еден проект. Сепак, сите проекти заслужуваат и во понатамошниот период се надеваме дека ќе дојде ред и за овој, вели Штерјов.
Очекува активностите на Баргала да почнат во септември, со цел поголема безбедност на овој значаен локалитет во источниот регион.
- Тоа е процес којшто треба да се одвива, се надевам дека од есен ќе почне да се реализира, бидејќи така се и проектните програми со Источно-планскиот регион и со Општина Карбинци. Се надеваме дека во септември или октомври ќе почне со реализација овој проект. Ние, како Завод и Музеј имаме неколку проекти коишто ги конкуриравме и понатаму ќе ги конкурираме, што заедно со општините, така и на меѓународни проекти, проекти од Министерството. Тоа е реставрација и конзервација на „Св. Илија“, односно „усамедин Пашина џамија, а и оној што сите сакаме да се реализира е за конзервација на тврдината Исар, додава Штерјов.
Штипската саат кула со помош на волонтери беше ставена во функција во 2018 година, кога и повторно се слушна отчукувањето на саатот од кулата. Инаку, според пишаните документи, овој споменик на културата е изграден од турски бег во 1650 година. вдј/мд/