• понеделник, 16 декември 2024

Археолог Ристески: Комплексот Маркови кули заборавен и девалвиран

Археолог Ристески: Комплексот Маркови кули заборавен и девалвиран
Прилеп, 24 јули 2022 (МИА) - Стагнира процесот за донесување план за управување и за реанимација на комплексот Маркови кули, како природна реткост и културна целина, смета археологот од Институтот за старословенска култура од Прилеп, Бранислав Ристески. Ристески кој уште во 2006 година, активно беше вклучен во донесувањето на Законот за прогласување на комплексот за споменик на културата, смета дека процесот е вратен чекор назад. – Имаше целосна поддршка од министерствата и институциите, но сега е заоставено, појаснува Ристески. Индикативно е, вели тој „што локалната самоуправа последниве години е целосно незаинтересирана“. - Во 2018 година Институтот за старословенска култура од Прилеп кој управува со споменикот на природата „Марковите кули“  покрена иницијатива за реноминација на просторната целина Маркови кули како мешовито културно добро во кое има исклучителни природни и културни вредности. Природните вредности веќе се наоѓаат на листата за заштита, но културните вредности не се соодветно меѓународно валоризирани. На овие простори има девет споменици на културата, меѓу кои Трескавец, Свети Архангел Михаил, црквите Свети Димитрија, Свети Никола и низа значајни споменици, а има и други кои допрва може да се прогласат, потенцира Ристески. Додава дека станува збор за исклучителен простор, значаен во балкански и во медитерански рамки, кој според него, има единство на природни и културни вредности. - Во почетната фаза имаше целосна поддршка од соодветните Министерства. Но, за жал, локалните власти овие години не се препознаваат во идејата да се  интернационализира оваа особено значајна културна и природна, па и како туристичка вредност. Но во зоната на комплексот е дозволено да се изградат населби. Комплексот кој е на околу 4 000 хектари со незаинтересираноста се доведува до постепено уништување, а тоа ќе има огромни последици и загуби за природното и културно богатство. оценува Ристески. Вели дека најголем индикатор за ваквата ситуација е тоа што и проектот што го реализирал УНДП не се заокружил финално. - Имаме ситуација дури и дека се уништува сето она што го вложуваше Институтот за старословенска култура. Пристапниот пат кој го реконструиравме, објектите кои ги поставивме се користат за пристап до посистематско уништување на просторот. Сѐ што требаше, а се однесува на документација за донесување план за управување и постапката за реноминација за културно-природната целина Маркови кули ние од Институтот доставивме, но процесот е запрен. И на ниво на министерства и на локално ниво. Дури немаме ниту повратен одговор до каде е тоа блокирање. Општината беше фактор кој не требаше да ги спречува процесите. Се надевам дека ќе има некој кој може да направи исчекор, зашто овие вредности кои имаат меѓународно значење, интензивно и драстично се уништуваат и во секоја смисла се девалвираат, смета археологот од Институтот за старословенска култура Бранислав Ристески. Комплексот Маркови кули, по кои е и препознатлив Прилеп, како природна реткост епитетот го добил поради формите на карпите кои ги создала природата низ милениумите, а како културно богатство е зашто човекот низ вековите го градел постројувањето на овие простори. ем/свс/

Остани поврзан