• понеделник, 23 декември 2024

Арсовска: Небулозно е образложението од Бирото за јавни набавки за поништената набавка на гориво

Арсовска: Небулозно е образложението од Бирото за јавни набавки за поништената набавка на гориво

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска како небулозно го оценува образложението на Бирото за јавни набавки за поништената набавка на гориво еуродизел за автобусите на ЈСП „Скопје“ и вели дека не може да се зборува за подобра или полоша понуда за набавка на гориво, во ситуација кога цената е регулирана од страна Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

-Она што беше дадено како образложение во јавноста, односно како причина за (поништување н.з.) на самата набавка за нас е небулозно затоа што не можете вие да имате подобра или полоша понуда за набавка на гориво каде што цената е регулирана од страна на Регулаторната комисија на Република Македонија. Таа е иста цена за сите, не може да биде поголема или пониска, не може да се наддава на таа цена затоа што цената е веќе одредена од Регулаторната комисија за енергетика, рече скопската градоначалничка во интервју за ТВ Телма.

Арсовска забележува дека директорката на Бирото за јавни набавки ја донела сега одлуката за поништување на набавката и тоа што имала замерка е што само една комапнија дала понуда.

-Има замерка на тоа дека една компанија дала понуда, што е нормално, сите ги гледаат притисоците, ретко кој се охрабрува во претпријатие што е таков загубар да го снабдува со енергенс, и кога веќе се осмелил сметам дека е не само политички и неумесно, туку и штетно да се прават сега такви работи, вели Арсовска.

Ситуацијата со автобусите е таква поради опструкциите кои, како што вели, постојано и ги прави советот чие мнозинство е од редовите на власта и на ВМРО-ДПМНЕ. 

Скопската градоначалничка Арсовска во интервјуто обвини дека мнозинството во Советот на Град Скопје одбива да ја гласа иницијативата за набавка на нови автобуси која досега се најде на дневен ред на 25 седници на Советот, но не доби поддршка. Според неа, тоа е така бидејќи до сега биле навикнати на носење тендери во четири очи. ев/цр

ФОТО: Принтскрин Телма

 

Остани поврзан