• сабота, 23 ноември 2024

Ардијан Демири и Ведат Салихи го поминаа комисискиот филтер за членови на Советот на јавните обвинители

Ардијан Демири и Ведат Салихи го поминаа комисискиот филтер за членови на Советот на јавните обвинители

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) – Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата попладнево дадоа поддршка Ардијан Демири, адвокат од Струга и Ведат Салихи, дипломиран правник со положен правосуден испит од скопското село Арачиново да бидат избрани за членови на Советот на јавните обвинители.

Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Ѓорѓија Сајкоски соопшти дека на огласот во законскиот превиден рок се пријавиле тројца кандидати за оваа функција. Посочи дека Собранието извршило избор на два члена на Советот на јавни обвинители од припадниците на заедниците кои не се мнозинство. 

- За член на Советот на јавни обвинители се избира лице кое е од редовите на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставен суд, меѓународни судии и други истакнати правници кои ги исполнуваат следните услови – да е државјанин на Република Македонија, да е дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија, со положен правосуден испит и кое во вршење на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно делување и да не е осуден со правосилна одлука или пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функција или друго кривично дело, рече Сајкоски.

Пратеникот на „Европски фронт“ Сали Мурати побара од Сајкоски да ги каже сите услови кои требало да ги исполнуваат кандидатите за да станат член на Советот на јавни обвинители, бидејќи, како што рече, имаат сознанија дека дел од кандидатите немаат формално правни услови, особено за стажот од 15 години. Побара да им ги покажат на увид документите за стажот на кандидатите.

По ова, Сајкоски предложи оваа точка да се одложи за следната седница на Комисијата, на што реагираше пратеникот на коалицијата „Влен“ Ријад Шаќири кој побара да не се одложува седницата. Сајкоски рече дека се потребни дополнителни консултации ден или два за оваа точка.

Сајкоски нагласи дека во однос на сомнежот кој се поставил за кандидатот Ведат Салихи дали ги исполнува условите, нагласи дека кандидатот навремено ги има доставено сите материјали коишто се потребни за да биде избран за член на Советот на јавни обвинители.

Во однос на другиот кандидат, пратеникот Мурати посочи дека од приложените документи има листинг од пензиско-инвалидско осигурување каде е наведено дека има искуство од 14 години, 10 месеци и 15 дена, а на 30 октомври нов документ со стаж од 15 години и еден месец, а огласот е затворен на 16 октомври.

- Според мене, условите за избор мора да бидат исполнети во моментот на аплицирањето, односно може да се изврши дополнување до завршување на конкурсот или огласот. Дополнително доставување на докази по затворање на конкурсот, не може да ги санира неисполнување на условите во моментот на аплицирањето, рече Мурати.

Членовите на Комисијата исто така на денешната седница ја изгласаа Малинка Николиќ за претседател на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Утврдена е и Одлуката за именување членови на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации. Од 19 кандидати за членови на Комисијата на Агенцијата, комисискиот филтер го поминаа Анкица Трпковска, дипломиран јавен администратор од Скопје, Орце Симов, дипломиран  електро-технички инженер од Делчево, Ангелинка Динеска, дипломиран инженер по компјутерски науки од Битола, Адмирим Аљити, дипломиран по компјутерски науки и доктор по компјутерски науки од Куманово и Насер Адеми, дипломиран економист од Скопје.

Во рамки на оваа седница беше утврдена и Одлуката за именување на претседател, потпретседател и членови на Националниот совет за евроинтеграции. фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан