• вторник, 26 ноември 2024

Арапската лига повика на забрзување на напорите за решение со две држави по резолуцијата на ОН за поддршка на Палестина

Арапската лига повика на забрзување на напорите за решение со две држави по резолуцијата на ОН за поддршка на Палестина

Каиро, 11 мај 2024 (МИА) - Генералниот секретар на Лигата на арапските држави, Ахмед Абул Геит ја поздрави усвоената резолуција на Генералното собрание на ОН со која се повикува Советот за безбедност да го разгледа полноправното членство на Палестина во ОН, изјави портпаролот на регионалната организација со седиште во Каиро, Гамал Рошди, цитиран од египетските медиуми.

Абул Геит истакнува дека големото мнозинство во корист на Палестина ја одразува растечката меѓународна поддршка. Тој ги повика земјите кои се убедени во решението за две држави да ги забрзаат чекорите за постигнување на оваа цел и додаде дека признавањето на државата Палестина и доделувањето полноправно членство во Обединетите нации е исклучително важен дел од патот кон воспоставување независна палестинска држава.

Абул Геит побара континуирани дипломатски напори за да се изврши притисок врз земјите кои сè уште му даваат политичка заштита на Израел во Обединетите нации и Советот за безбедност.

Во петокот, 193-членото Генерално собрание на ОН со 143 гласа „за“, девет „против“ и 25 воздржани усвои резолуција со која се признава правото на Палестинците да се приклучат на организацијата и „препорачува Советот за безбедност повторно да го разгледа прашањето позитивно“.

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац ја опиша одлуката на Генералното собрание како „награда за Хамас“. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан