• понеделник, 23 декември 2024

Апелацискиот суд во Белград го потврди обвинението против Урош Б. за масакрот во Дубона и Мало Орашје

Апелацискиот суд во Белград го потврди обвинението против Урош Б. за масакрот во Дубона и Мало Орашје

Белград, 19 март 2024 (МИА) - Апелацискиот суд во Белград го потврди обвинението против Урош Блажиќ, осомничен за убиство на девет лица во селата Дубона и Мало Орашје, како и против неговиот татко Радиша , по што Вишиот суд во Смедерево наскоро се очекува да го закаже почетокот на судењето, јави дописникот на МИА од Белград.

Вишиот суд во Смедерево на крајот на минатата година го потврди обвинението против Урош Блажиќ за сторени кривични дела тешко убиство, покрај кривичните дела недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материјали и неовластено користење на туѓо возило.

Истовремено е обвинет и таткото на Урош, Радиша Блажиќ, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, и за кривичното дело тешко дело против јавната безбедност.

Горан и Борис Гавриловиќ од Крагуевац, вујкото и братучедот на Блажиќ, се обвинети поради оправдано сомнение дека сториле кривично дело недозволено поседување оружје, бидејќи во куќата и во помошната просторија без дозвола чувале поголемо количество оружје.

Жалби против првостепениот обвинителен акт поднесоа јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство Смедерево и бранителот на обвинетиот Урош Блажиќ.

Да потсетиме, ноќта меѓу 4 и 5 мај минатата година Урош Блажиќ уби осум и рани 14 лица во селата Мало Орашје и Дубона, кај Младеновац. Деветтата жртва на Блажиќ им подлегна на раните по 50 дена борба за живот во болница.

Блажиќ е уапсен по целоноќна потрага, во селото Вињиште кај Крагуевац.

Ова масовно убиство се случи непосредно по првото масовно убиство на девет ученици и домарот во Основното училиште Владислав Рибникар.об/сд/

Остани поврзан