• петок, 20 декември 2024

Антиќ: Се трудиме да обезбедиме што повеќе клубови да излезат на меѓународна сцена

Антиќ: Се трудиме да обезбедиме што повеќе клубови да излезат на меѓународна сцена
Скопје, 4 јуни 2020 (МИА) – Претседателот на Кошаркарската федерација на С. Македонија, Перо Антиќ во интервју за сајтот на федерацијата изјави дека се залага што поголем број македонски екипи да играат на меѓународна сцена. Обезбедени се четири места во ФИБА преку Лигата на шампионите и по две АБА 2 и БИБЛ. Останува шансата МЗТ Скопје да заигра во АБА 1, а во тек се и преговори за формирање заедничка лига со Бугарија, Србија и Грција. - Сите во Федерацијата напорно работиме за да се оствари ова и би сакале да се искористи шансата. И не е само тоа, туку се обидуваме да истуркаме уште една екипа во АБА 2 со специјална покана. Од општ интерес на македонската кошарка е да имаме колку е можно повеќе претставници на меѓународна сцена, затоа правиме напори да бидеме инволвирани и да излеземе во пресрет на сите што им треба помош. Добро е да се вклучи и државата затоа што знаеме дека на сите им се потребни пари за да егзистираат и бележат успеси. Им помагаме на клубовите и во врска со ваучерите, бидејќи некои не успеваат во целост да ги искористат средствата кои ги нуди овој систем. А јасно е колку се тие потребни, особено ако сакаат да играат надвор од земјава, потенцира Антиќ. За одлуката да се прекине првенството во Првата лига мажи, без испаѓање во понизок ранг и острите критики од страна на ланскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром, Антиќ вели: „Мора да се знае дека во лигата постојат и Вардар и Академија ФМП и Пелистер и други, и кон сите треба да имаме ист однос. Сите да имаат исти обврски и исти привилегии. Федерацијата без клубови не може, клубовите без федерација не можат. Тоа е јасно, и го кажав тоа уште кога ја презедов функцијата. МЗТ Скопје ги има сите бенефиции како да ја освоил титулата, иако првенството не е ни 50% одиграно, ни според натпреварите, ни според периодот на играње. Не се поминати седум, туку речиси четири месеци и 17 кола. Прво сакаа да се добие шампион надвор од терен, па кога не добија поддршка, предложија да се доигра остатокот од сезоната. Тоа не е возможно бидејќи странските кошаркари не се во земјава и не постојат услови да се вратат. Побараа да се воведе дополнителен преоден рок, но тоа не беше возможно, токму бидејќи сите сме еднакви и не може правилата да се менуваат на кого како ќе му текне. На прашањето, како Антиќ гледа на притисокот од страна на клубот од Аеродром кој е еден од нашите најтрофејни, првиот човек на КФСМ одговара: - Жал ми е што луѓето од МЗТ Скопје Аеродром така се однесуваа(т) кон нас. Почнаа војна, не дојдоа ни на разговор. Од нас немаше ниеден одговор, односно каква било провокација кон клубот. Дури и тогаш кога за мене зборуваа дека не постојам, и дека не сакаат никаква комуникација со федерацијата. Сите што сме инволвирани, треба да знаеме дека кошарката не почнала од нас и дека таа ќе се игра и откако ќе си заминеме од функциите. Единствено што сакам, уште еднаш да нагласам, дека треба да работиме за општото добро, за доброто на македонската кошарка, за сите да имаме бенефит, вели Антиќ во интервјуто за КФСМ. зс/

Остани поврзан