• недела, 09 март 2025

Анкета: Речиси осум од десет Грци кои учествуваа во масовните протест минатиот петок сметаат дека на земјата ѝ треба промена на власта

Анкета: Речиси осум од десет Грци кои учествуваа во масовните протест минатиот петок сметаат дека на земјата ѝ треба промена на власта

Атина, 7 март 2025 (МИА) – Речиси осум од десет граѓани, односно 78 отсто од анкетираните Грци кои учествувале на масовните протести минатиот петок за двегодишнината од железничката несреќа, сметаат дека на Грција ѝ е потребна „промена на власта“, 19 отсто претпочитаат „итно подобрување на резултатите од работата на Владата“, а останатите три проценти не изразиле никакво мислење, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Прората“, јави дописничката на МИА од Атина.

Анкетата се однесува на „пораките на демонстрантите од 28 февруари“ и била спроведена во периодот од 4 до 5 март на примерок од 720 лица над 17 години кои учествуваа во протестите низ цела Грција.

Според резултатите од истражувањето, главната порака што демонстрантите се обидоа да ја испратат е „правдата да биде задоволена во случајот Темпи и виновниците да бидат казнети“, одговор што го избрале 76 отсто од анкетираните.

Потоа следи пораката дека „тука сме, а вие одговарате за она што не функционираше како што треба во последните години“ (со 46 проценти) и дека „треба да се направи сè што е потребно за да не се повтори нешто слично“ (со 31 отсто), додека помала поддршка е забележана за барањето „да се дознае вистината“ во случајот Темпи“ (19 проценти).

Во однос на тоа кон кого е насочена политичката порака од демонстрантите, мислењето е поделено, 38 отсто одговориле дека пораката е исклучиво кон Владата на Нова демократија, 34 проценти сметаат дека критиките се „главно кон Владата на Нова демократија, но второстепено и кон претходните влади на другите партии“, а 28 отсто од анкетираните им припишуваат еднаква одговорност на сите влади од последните години.

На прашањето „за кои вредности протестиравте во петокот на 28 февруари“, доминира „правда“ (87 отсто), потоа се „транспарентност“ (40 проценти), „одговорност“ (24 отсто), „безбедност“ (23 проценти) и „достоинство“ и „солидарност“ со 11 проценти.

Во петокот, на двегодишнината од железничката несреќа се одржаа протести на над 380 локации во Грција и странство, а во Атина беа едни од најмасовните во изминатите години.

Железничката несреќа кај Темпи се случи на 28 февруари 2023 година во директен судир на патнички и товарен воз, при што загинаа 57 лица. ср/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан