• сабота, 28 декември 2024

Андрулакис бара да се истражи политичка одговорност во случајот со прислиушкувањата

Андрулакис бара да се истражи политичка одговорност во случајот со прислиушкувањата
Атина, 5 август 2022 (МИА) – Лидерот на грчката опозициска партија ПАСОК- Движење на промена (КИНАЛ) и европратеник Никос Андрулакис бара итно формирање истражна комисија во грчкиот Парламент што ќе спроведе истрага за политички одговорности во случајот со прислушкувањето на неговиот мобилен телефон, јави дописничката на МИА од Атина. Андрулакис, кој пред десет дена поднесе пријава до Врховниот суд на Грција за обид неговиот мобилен телефон да биде следен со програмата „Предатор“ за што добил известување од надлежната служба на Европскиот Парламент, денеска рече дека бил прислушкуван и од Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) за време на изборите за лидер на партијата. -Неприфатливо е, во европска демократија да се открие дека освен обидот да се зароби мојот мобилен телефон со „Предатор“ во септември 2021 година, по објавувањето на мојата кандидатура, денеска да дознаеме дека ЕИП, која е директно под премиерот, ме следеше во текот на внатрешниот изборен процес за раководството на ПАСОК. Сето ова е случајност, господине Мицотакис?, истакнува Андрулакис и додава дека никогаш не очекувал дека ќе го прислушкува грчка Влада „со најмрачни практики“. Лидерот на ПАСОК-КИНАЛ вели дека изминатите денови од поднесувањето на пријавата до Врховниот суд, „Владата систематски се обидуваше да го минимизира прашањето со низа натписи во медиумите и лажни вести, дури и од владиниот портпарол“. -Денеска, по сето ова, најблискиот соработник на премиерот, како и директорот на ЕИП поднесоа оставка. Се урива превезот на молкот и дискредитацијата со кои се обидоа да покријат еден толку сериозен случај, истакна Андрулакис. Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому за евентуалното формирање истражна комисија во грчкиот Парламент рече дека доколку „се запазат сите потребни процедури на доверливост и доколку се поднесе такво барање, Владата позитивно ќе одговори“. Воедно откри дека „штом премиерот дозна за случајот на легално следење на Андрулакис, по одобрувањето од обвинителството, Владата преку државниот министер Јоргос Герапетритис побара целосно да го информира Андрулакис, кој избра да не одговори“. Како што веќе објави МИА, директорот на Националната служба за разузнавање на Грција (ЕИП) Панајотис Кондолеон и генералниот секретар на грчката Влада Григорис Димитриадис денеска ги доставија нивните оставки до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој ги прифати, а опозициските партии оставките ги поврзуваа со случајот со прислушкувањата во земјата. Директорот на службата за разузнавање Кондолеон, како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, си поднел оставка поради „погрешните постапки во процесот на легалните следења“, а на негово место доаѓа досегашниот генерален секретар во Министерството за надворешни работи Темистоклис Демирис. Помалку од еден час пред оставката на Кондолеон, оставка си поднесе и генералниот секретар на Владата Димитриадис, кој е внук на Мицотакис и негов близок соработник, а од кабинетот на грчкиот премиер не ги соопштија причините или деталите за оставката. Лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас рече дека оставката на Димитриадис, по откривањето на скандалот со прислушкувањата е „признавање на вина“ и „не ја негира одговорноста на самиот премиер, туку напротив ја потврдува“. ср/

Остани поврзан