• сабота, 23 ноември 2024

Андријана Јаневска и "Митан проект" со "Македонски рози" настапија пред паланчани

Андријана Јаневска и

Крива Паланка, 5 јули 2024 (МИА) - Најубавите македонски песни од албумот "Македонски рози" на Мите Димовски - Митан од "Митан проект", во интерпретација на Андријана Јаневска, донесоа синоќа извонредна атмосфера на преполната летна сцена во Градскиот парк во Крива Паланка.

Јаневска по настапот рече дека Крива Паланка докажа дека навистина е "Град на културата".

-Многу сум среќна што вечерва одржавме овде концерт, заради тоа што Крива Паланка докажа дека навистина е Град на културата. Се радувам што имате толку често концерти, многу се радувам  што "Митан проект" настапи вечерва овде и што бевме дел од вашето културно лето. Се надевам дека и во иднина ќе бидеме ваши гости и само така да продолжите, бидејќи културата е најважното кај еден народ, порача Јаневска.

Оваа прекрасна музичка вечер во "Градот на културата 2024" ќе остане запаметена по приказната за убавите македонски песни: "Битола, мој роден крај", "Битолските касарни", "Ој, Вардаре македонски", "Елено ќерко", "Бог да бие Русе", "Сношти минав", "Песна за село Ваташа", со маестралните звуци на музичарите и прекрасниот вокал на Јаневска што ги разиграа срцата на присутните.

Според авторот на проектот, Мите Димовски-Митан, оваа прекрасна вечер во Крива Паланка ќе остави спомени и за изведувачите и за публиката, иако е проект што долго живее на сцената, а сега повторно патува и ја одушевува публиката.

-"Митан проект" го работиме долги години, сега се враќаме на концертните сцени, се надевам успешно и со нов материјал кој претстои, и ни беше чест да настапиме овде. Уште еднаш ќе се заблагодарам на општината и организаторите, Центарот на културата, со неговиот директор и целата екипа околу него во градот Крива Паланка за оваа покана и за оваа прекрасна вечер што остави спомени и за нас и за публиката, рече Димовски.

Публиката уживаше во уште еден квалитетен настан од "Кривопаланечко културно лето" и манифестацијата "од "Крива Паланка -Град на културата".

Вечерва во Крива Паланка со почеток во 19:30 часот, во галеријата на стариот манастирски конак во Сарандопорскиот (Осоговски) манастирски комплекс ќе биде отворена завршната изложба од годинашната 38. Меѓународна ликовна колонија "Св.Јоаким Осоговски". ид/вг/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан