• среда, 25 декември 2024

Андонов: Секојдневно се обезбедуваат 100 отсто од потребите на регулираниот пазар на електрична енергија

Андонов: Секојдневно се обезбедуваат 100 отсто од потребите на регулираниот пазар на електрична енергија
Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Се прават сериозни анализи и препораки во согласност со сите чинители во енергетскиот сектор на кој начин да се спречи трендот на враќање на дел од потрошувачите на регулираниот пазар на електрична енергија, за што веќе се преземаат и конкретни чекори, порача денеска советникот на премиерот за енергетика Виктор Андонов. - Секојдневно се обезбедуваат сто отсто од потребите на регулираниот пазар, односно за домаќинствата и за малите потрошувачи. До овој момент не е направен ни еден киловат час увоз за задоволување на овој дел од пазарот. Во моментов се разговара за конкретни мерки, кои ќе бидат понудени на одредени потрошувачи од кои дел ќе бидат снабдувани од „ЕСМ Продажба“. Тие нема да бидат на регулираниот пазар. Во овој момент се прават анализи за колкави количини се работи за секторите здравство, образование, јавните комунални претпријатија за снабдување со вода, а по проектирање и дефинирање на количините на електрична енергија и средствата кои ќе бидат потребни, ќе бидат објавени и презентирани на јавноста, рече Андонов, на денешната прес-конференција во Владата во одговор на новинарско прашање. Тој посочи дека се прават максимални напори да биде зголемено домашното производство на електрична енергија. - Тоа значи дека ќе се потрудиме сите дополнителни количини да бидат обезбедени од домашното производство. Една од опциите за обезбедување поголемо домашно производство е и преку работата на ТЕ-ТО, кое не работи во овој период. Се прават разговори и анализи како во текот на ноември ТЕ-ТО да работи. По проектирањето на бројките, количините и потребните средства ќе бидат усвоени и ќе бидат објавени од претставници на Владата, по што точно ќе се знае која количина на електрична енергија од каде ќе биде обезбедена, прецизира Андонов. Прашан кога ќе боде потпишан договорот за набавка на природен гас за потребите на топланите во Скопје, Андонов рече дека директорот на ЕСМ и ЕСМ преку соопштение ја информираа јавноста дека се добиени неколку информативни понуди на тендерот за набавка на гас и дека е побарано од понудувачите да достават дополнителни информации кои ќе ја потврдат сериозноста на понудата. - ЕСМ е државна компанија и нејзиното функционирање подразбира почитување на одредени процедури кои мора да бидат запазени во интерес на граѓаните и токму тоа е и направено. Јавноста беше информирана дека е побарано во наредните неколку дена компаниите да достават потребни документи со кои ќе ја докажат сериозноста на својата понуда како што се сериозност за обезбедените количини, договор за техничка соработка, потребни гаранции и по нивното доставување јавноста навремено ќе биде информирана, истакна Андонов. Тој потенцира дека грејната сезона почна навреме и до овој момент се одвива континуирано и без прекини во испораката и без технички проблеми. - Ве уверувам дека и во текот на ноември ќе има топлина за сите граѓани на Скопје, а начинот на кој ќе биде обезбедена ќе биде објавен во следните неколку дена, рече Андонов. вј/сп/

Остани поврзан