• среда, 25 декември 2024

Андонов: ЕСМ се соочува со сериозни предизвици, неопходни се инвестиции, сега е и моментот за изградба на гасни електрани

Андонов: ЕСМ се соочува со сериозни предизвици, неопходни се инвестиции, сега е и моментот за изградба на гасни електрани

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) - ЕСМ се соочува со сериозни предизвици. Ако продолжиме со истото темпо на неградење и неивестирање, компанијата ќе го загуби своето место, предупреди денеска Виктор Андонов, директор за развој и инвестиции во ЕСМ. 

Андонов на панелот „Инвестиции во енергетска транзиција и инфраструктура за здрава животна средина и европска иднина“ што се одржува во рамки на конференција „Година на европски можности“, укажа и дека сега е моментот за изградба на гасни електрани.

-Сите компании и граѓани за време на кризата побараа помош од државата, а државата може да обезбеди помош само преку државните компании, посебно ЕСМ. Но, за тоа да се случи, треба да инвестираме. Во минатото, за жал, ЕСМ бил експлоатиран. Сега треба да се фокусираме на градењето ако сакаме да ја зачуваме економијата и да имаме инвестиции во индустриски капацитети. Се соочуваме со намалено производство поради застареност на најголемиот капацитет РЕК Битола. Од година во година таму се намалува ископот и квалитетот на јагленот, како и ефикасноста на електраната. Тоа доведува до проблеми кои го прават тежок патот на енергетската трансформација. Од друга страна, ако се соочуваме со предизвикот дека во 2030-та или 2035-та треба да ги затвориме РЕК Битола и РЕК Осломеј, потребни се сериозни финансики средтва, но и капацитет кај луѓето за тој процес да се спроведе успешно. Процесот е почнат, ЕСМ ја почна првата транзиција со електраната во Осломеј и тоа беше патот кој Владата тогаш го трасираше, рече Андонов.

Во однос на гасот, тој изрази надеж дека земјава ќе има втор извор во наредните две години.

-Очекуваме годинава да почне изградбата на гасоводот кон Грција на кој ќе се приклучиме на Транс-јадранскиот гасовод со кој имаме пристап до азербејџански гас и до ЛНЏ. До сега сме имале една врска и сме биле зависни од една земја. Имавме и две кризи кои директно удираа на гасот или имаше забрани низ Европа и не се транспортираше преку Русија, преку Украина или имаше обид за дополнителни такси. Но, ако имаме втор извор, а се надевам дека ќе го имаме во наредните две години, тоа се идеални услови за реализација на планираните проекти кои ќе овозможат сигурно снабдување на среден и долг рок, потенцира директорот.

Според него, Битола, која досега беше рударско-енергетски комбинат или ТЕЦ, во наредните 10 - 15 години треба да се гледа како хибриден центар за призводство на електрична енергија.

-Во моментот се работи на технички студии за над 200 мегавати фотонапонски централи во Битола. Имаме огромни површини на кои може да се изградат над 1 000 мегавати фотонапонски централи, батерии за складирање енергија, производство на топлина со соларни централи, постројки за производство на хидрогемн. Фокусот ќе биде таму. Еден од концептите за замена на производството таму е комбинираната гасна електрана која би требало да обезбеди и електрична енергија и топлина. Прв пат по толку години се гради топловод кон Битола и веќе е стигнат до градот. Сега ќе се шири мрежата, но треба да обезбедиме топлина, а со затворањето на РЕК Битола топлина ќе нема, така што оваа гасна електрана е идеална, со можност во неа да се корсити и водород како гориво на иднината, истакна Андонов, додавајќи дека вториот фокус е електраната во Неготино.

Андонов информира и дека благодарение на меѓународни финансиски институции, во моментов се работи на сериозен план за трансформација и на ЕСМ и на декарбонизација на земјата. 

-Една од сериозните можности е Инвестицискиот план кој кажува дека се обезбедени вкупно три милијарди евра, но овие средства не се за ЕСМ, туку за сите, за домаќинствата, за приватниот сектор, за малите и средните претријатија, но треба да ги гледаме како средства насочени за трансформација на регионите кои биле засегнати со јалген - Пелагонсикиот, Битолскиот и регионот во Кичево. ЕСМ тука треба да има сериозна улога, бидејќи во последните 40 години тие луѓе таму дишеле неквалитетн воздух и треба да им се оддолжиме. ЕСМ треба да се грижи посебно за тој регион, во Битола и Осломеј, подвлече директорот. мч/нд/

Фото: Принтскрин

 

 

 

 

 

Остани поврзан