• сабота, 23 ноември 2024

Андоновска: Се проверува дали има оштетени реагенси во ИЈЗ, откако некој ги исклучил фрижидерите каде тие се чуваат

Андоновска: Се проверува дали има оштетени реагенси во ИЈЗ, откако некој ги исклучил фрижидерите каде тие се чуваат

Скопје, 1 август 2024 (МИА) - Се проверува дали има оштетени реагенси во Институтот за јавно здравје, откако вчера некој ги исклучил фрижидерите во кои се чуваат, ова денеска го потврди за МИА, директорката Марија Андоновска, која очекува Јавното обвинителство да покрене постапка околу тоа кој се имал пристап и до осигурувачите за струја за фрижидерите каде се чуваат реагенси за целата држава. Од Институтот, за случајот ги информирале сите надлежни државни органи.  

- Можно е ова да се има случено во периодот помеѓу 14.30 и 15.30 часот. Фрижидерите и коморите што ги имаме се во посебни простории под клуч. Во случајов се работи за широк ходник во кој лево и десно има лаборатории, а во кој исто така се сместени разводни табли со осигурувачи за струја во фрижидерите. Среќа што ние бевме сѐ уште на работа и хигиеничарката, која доаѓа по вработените кои заминуваат, забележа дека има некаков проблем кај разводните табли, таа алармираше, појасни директорката во изјава за МИА.

Симптоматично е, рече таа, тоа што биле исклучени само тие што се однесуваат на фрижидерите и коморите, каде се чуваат сите реагенси за целата држава. 

- Ако не бевме тука и не реагиравме веднаш, денеска ќе имавме огромно загрозување на општата состојба на граѓаните, загрозување на животот и здравјето нивно, согласно на кривичниот закон, дополнителна штета во милиони. Ќе немавме ниту еден реагенс. Среќа што бевме таму и веднаш реагиравме, повикавме институции да го утврдат тоа и очекуваме дека Јавното обвинителство ќе реагира. Последиците ќе беа ненадоместливи, среќа што бевме таму, подвлече Андоновска.

Сега се преземаат безбедносни мерки за алармирање, доколку некој чепка во тие разводни табли. Првичните информации, според неа, се дека тоа го има направено, некој што точно знае каде треба да се исклучи за да останат баш тие фрижидери без струја, затоа што само тие биле исклучени. 

По вакво нешто, таа рече дека ќе бара дозвола за поставување камери од Министерството за внатрешни работи.

Во моментов се испитува дали има уништени реагенси, се зема мостра од сите нив, но, таа се надева дека нема да има штети, бидејќи многу брзо се реагирало. Стручната проверка ќе покаже дали има штета или не, на некои од тие реагенси. Бидејќи, како што рече, секој си има колку време може да стои на одредена температура. 

- Очекувам да реагира Јавното обвинителство за ваква сериозна работа. Тоа е многу важно за да не се повторуваат вакви работи. Јас ќе ги преземам сите мерки на контрола, колку што ми дозволуваат можностите. Јас сум само пет дена тука. Ако нема истрага од Обвинителството, загрижена сум, да не продолжат ваквите работи, додаде директорката. бд/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан