• среда, 27 ноември 2024

Ангеловска Бежоска: Девизните резерви на адекватно ниво за директна поддршка на стабилноста на девизниот курс

Ангеловска Бежоска: Девизните резерви на адекватно ниво за директна поддршка на стабилноста на девизниот курс

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) – Девизните резерви согласно последните објавени податоци за крајот на октомври годинава изнесуваат 3,9 милијарди евра или 28 проценти од БДП и се доволни за 3,6 месечна покриеност на проектираниот увоз на стоки и услуги за наредната година што според гувернерката на Народна банка (НБ) Анита Ангеловска Бежоска е адекватно ниво за директна поддршка на стабилноста на девизниот курс. 

-Според сите меѓународни параметри ова е адекватно ниво за директна поддршка на стабилноста на девизниот курс. Екстерната позиција оваа година е значајно подобра во споредба со истиот период од минатата година, но и од нашите проекции. Тоа упатува дека девизните резерви во континуитет продолжуваат да растат и тоа е јасно видливо на девизниот пазар каде Централната банка годинава интервенираше со нето откуп на девизи за разлика од претходните две години кои беа под силно влијание на кризниот период и кога се интервенираше со нето продажба, истакна  Ангеловска Бежоска во одговор на новинарско прашање при денешната презентација на есенските макроекономски проекции.

Причината за поволните платно билансни движења, како што кажа, во најголема мера се должи на значајното подобрување на трговскиот дефицит кој, по големото продлабочување во периодот на кризата, годинава бележи значајно подобрување.

-За првите девет месеци од годинава трговскиот дефицит е намален за 30 проценти што секако значи поголема понуда на девизи на девизниот пазар и откуп од страна на Централната банка, прецизира Ангеловска Бежоска.

Кај дознаките, како што посочи, земјава имала две исклучителни години во кои растеле со високи двоцифрени стапки во просек од околу 30 до 40 проценти.

-Оваа година се гледа забавување, но тоа не значи пад бидејќи продолжуваат да растат, но динамиката на раст е забавена на околу 13 проценти во првата половина од годинава. Таа сепак е многу солидна со оглед на високите нивоа кои се постигнаат минатиот период. Минатата година дознаките недминаат две милијарди евра, рече Ангеловска Бежоска.

Како Централна банка, додаде, сме прудентни во нашите проекции и не го екстраполираме овој поволен тренд до крајот на годината, сепак предвидуваме пониски стапки на раст на приватните трансфери, а и на среден рок проектираме дека ќе продолжат да растат со околу три проценти. вј/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан