• понеделник, 23 декември 2024

Ангеловска-Бежоска: Преку вклучување на жените до економски раст повисок за 30 отсто

Ангеловска-Бежоска: Преку вклучување на жените до економски раст повисок за 30 отсто

Скопје, 7 јули 2023 (МИА) - Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на панел-дискусијата „Жени лидери“ којашто ја отвори претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ) во Љубљана, Словенија.

Како што информира Народна банка, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека поголемата вклученост на жените во работната сила може да придонесе за побрз и поинклузивен економски раст.

- За економски развој не е доволен само економскиот раст. Потребно е да се расте паметно, одржливо и инклузивно. Човековиот капитал, како од аспект на неговиот квантитет, така и од аспект на неговиот квалитет, е клучен за остварувањето на овие цели. Поголемата вклученост на жените во работната сила може да придонесе за побрз и поинклузивен економски раст, којшто може да е повисок и до 30 отсто во економиите во развој, имајќи го предвид вклучувањето дополнителна работна сила на пазарот на труд, изјави гувернерката Ангеловска-Бежоска. 

Според истражувањата во оваа сфера, како што се наведува, за тоа придонесуваат и посебните карактеристики и вештини со кои вообичаено располагаат жените, како работнички, како повисоката одбивност кон ризик, прагматичноста, емпатијата...

Во своето излагање, гувернерката посочи дека родовата нееднаквост сѐ уште претставува еден од клучните глобални предизвици, којшто по пандемијата стана уште поизразен.

- Во глобални рамки пандемијата доведе до укинување на 54 милиони работни места пополнети од жени, со што се намали стапката на учество на жените во работната сила на 47 отсто и се зголеми јазот во однос на мажите, чија стапка на учество во работната сила е 70 отсто. Во македонската економија учеството на жените во работната сила е околу 40 отсто, додека оние жени кои се активни се помалку застапени на раководните позиции и се платени помалку од мажите за 20 отсто, изјави гувернерката.

Ангеловска-Бежоска нагласи дека сепак постојат и добри примери во нашето општество, како Народната банка, каде што 71 отсто од раководните позиции во институцијата се пополнети од жени.

- Заради побрза конвергенција кон ЕУ, и покрај тековните предизвици, потребно е да не се оддалечуваме од решавањето на структурните прашања, применувајќи реформи со кои ќе се подобри нашиот потенцијал за раст и коишто ќе нѐ приближат кон европското семејство, посочи Ангеловска-Бежоска. За тоа, како што рече, ни е неопходна и поголема вклученост на жените во општеството којашто може да се постигне преку холистички пристап на креаторите на политиките. 

Настанот е во рамки на проектот „Ние водиме“, поддржан од ЕУ, којшто е наменет за поддршка на млади професионалци во регионот на Западен Балкан. На панел-дискусијата учествуваа и министерката за стандарди и услуги на Албанија, извршната директорката на Центарот за европски политики во Србија и директорката на ЦЕФ. мд/нд/

Фото: Народна банка 

 

Остани поврзан