• среда, 27 ноември 2024

Ана Аврамоска Нушкова за МИА: Насилството не е нешто што се случува зад затворени врати, тоа е општествен проблем

Ана Аврамоска Нушкова за МИА: Насилството не е нешто што се случува зад затворени врати, тоа е општествен проблем
Скопје, 18 септември 2021 (МИА) – Насилството не е нешто што се случува зад затворени врати, туку општествен проблем, и доколку сите заеднички делуваме, можеме понатаму да превенираме и да почнеме сивите бројки да ги вадиме на површина, вели Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Во интервју за МИА, Аврамоска Нушкова, истакна неколку од главните предизвици со кои се соочуваме во однос на заштитата на жени од насилство, како и процесот на усогласувањето на Истанбулската конвенција со домашното законодавство и усвојувањето на измените во Кривичниот, и сите останати закони кои што ќе овозможат целосна имплементација на Законот за заштита од насилство врз жени и семејно насилство. Во Кривичниот законик, со новите измени кои допрва ќе бидат предмет на дискусија во Собранието на Република Северна Македонија, треба да бидат опфатени кривичните дела „демнење“ и „сексуално вознемирување“. Аврамоска Нушкова смета дека овие кривични дела ќе дадат една поголема гаранција и заштита на жените жртви на физичко, психичко, како и сексуално насилство, и ќе пружат посеопфатен систем на заштита со кривична санкција. -Во самиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство се предвидени овие форми, како што ги споменав, силувањето, сексуалниот напад, сексуалното вознемирување, како и сексуалното вознемирување користејќи го интернет просторот, кое е дополнително предвидено во поимникот демнење. Тоа е граѓански закон кој што може да ѝ даде заштита на жртвата во однос на привремените мерки за заштита. Но, сепак, кривичната одговорност е многу поголема, како и казните и кривичната санкција која што следи, доколку биде нормирана како посебно кривично дело. Дополнително, би сакала да нагласам дека самата Истанбулска конвенција го опфаќа и психолошкото насилство, како посебно кривично дело, и тоа треба да биде посебно предвидено како ново кривично дело и да се воведе во нашиот Законик, вели таа во интервју за МИА. Во продолжение следува целото интервју со Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство. Какво е, според вашите сознанија, расположението на ставовите во однос на криминализирањето на сите овие дела, дали ќе бидат нормално прифатени, и дали, притоа, жените жртви на насилство ќе бидат поохрабрени да ги пријавуваат истите? -Конкретна анкета за измените на Кривичниот законик на терен како мнение на граѓаните ние ни како граѓанска организација немаме спроведено. Она што го знаеме од терен, што го кажуваат нашите жени кои што доаѓаат и се обраќаат за помош и поддршка, во Националната мрежа, можам да кажам дека сè уште сме едно стереотипно општество каде што има голем број на предрасуди. Осудата, независно за каков вид на насилство станува збор, најчесто е тоа препознатливо - физичкото, но, не ги исклучувам ниту економското, сексуалното, како и психолошкото насилство, кои што, за жал, сè повеќе и почесто се регистрира кај институциите и се пријавува, е поплаката дека жртвата не е разбрана, прво од најблиските членови на семејството, а потоа и пошироко. Не треба да се воведуваат само кампањи за да го подигнуваме јавното мислење. Треба да се зафатиме во еден сеопфатен систем, тоа е една превенција и тоа во Истанбулската конвенција е предвидено, подобро да ги спречиме отколку да ги лечиме потоа и последиците од тоа. Затоа, сметам дека жените сè уште не го пријавуваат, дека сивата бројка сè уште е на многу високо ниво на оние нерегистрирани случаи на насилство кое што им се случува и го сметаат за приватна работа. Но, сепак, нема граѓанска организација, ниту институција што нема да каже дека треба да се пријавува. Не можеме да се потпреме само на фактот дека нема доверба во институциите, и затоа не ги преземаат тие чекори. Мора да се пријави, мора да се излезе од таа зона каде што се беспомошни за да може понатаму да се процесира меѓу институциите кои што се надлежни, да дадат не само првична помош, поддршка и заштита, туку и понатаму да помогнат во процесот на реинтеграција. Каков е процесот на реинтеграција на жените жртви на насилство и семејно насилство? -Согласно овој закон, првпат имаме предвидено програма за реинтеграција на жртвите. Во моментов, работните групи при Министерството за труд и социјална политика работат на неа за да може да ѝ се даде сеопфатен систем за жртвата да може успешно да се реинтегрира во општеството. Тоа е нова програма која што првпат се воведува во Законот. Има елементи каде што можеби во некои случаи кои што имаат поддршка од семејството, да имаат поуспешна реинтеграција, но, она што ние го имаме констатирано на терен, е дека жените жртви на насилство го имаат најголемиот проблем со домувањето. Домувањето е едно од можеби круцијалните, најбитните работи, за да не може да ја напуштат насилната средина и да можат да си го продолжат животот соодветно, како што треба. Втора работа што би опфатила реинтеграцијата и треба да ја опфаќа е на жртвата да ѝ се даде психолошка поддршка. Жртвата мора првично да ги излечи траумите од насилството па потоа да можеме да работиме на нејзино усовршување, финансиска поддршка, обучување и вработување за нејзина економска независност. Затоа, сметаме дека психолошката поддршка е една од најважните чекори, после домувањето, кои што треба да се применат на жртвата за да може успешно да се реинтегрира во општеството. Што кажуваат бројките, дали се зголемува бројот на жени кои што пријавуваат насилство или, пак, се намалува?  -Бројките, еве од последниве две години, 2019-2020 година се горе-долу исти. Имавме случај кога се сметаше дека за време на здравствената криза која што нè затекна од март 2020 година, дека ќе има зголемен број на пријави на семејно насилство, но, не, нема отстапки од, да речеме, едногодишниот просек. Можам да ги издвојам податоците добиени од Министерството за труд и социјална политика, ако во 2019 година имаме вкупно регистрирани случаи на пријави за семејно насилство 1.555, во 2020 година се околу 1.534. Така што, отстапката и просекот годишен е горе-долу ист. Во однос на бројката како бројка која што и ја напоменав дека треба да ја извлечеме, треба да се работи сеопфатно. Ако жртвата која што претрпела некоја телесна повреда знае дека доколку поднесе предлог тоа ќе биде успешно процесирано меѓу јавното обвинителство и судот, како, и, нормално, правосудната полиција, кога би знаела дека ќе ја добие во целост поддршката која што треба да ја добие, а воедно се работи на нејзиното психолошко и економско зајакнување, сметам дека случаите на пријавување би се зголемиле. На какво насилство се најчесто изложени жените кај нас, на психичко, физичко или, пак, сексуално? -Најпрепознатливо е физичкото насилство. Психичкото насилство е помалку препознаено, но е застапено, се пријавува, има регистрирани бројки на психолошко насилство врз жените. Можеби сексуалното насилство е најмалку препознаено, и тоа, сексуално насилство од сегашен, или поранешен партнер, или од интимен партнер. Не го препознаваат, го препознаваат, не го пријавуваат, го пријавуваат, викаат дека не се процесира, зависно. Сексуалното насилство кое е едно од насилствата кое што е посебно, во домот од близок партнер, интимен партнер или од брачен или вонбрачен другар, е еден од најтешките форми на пријавување и најретко се препознава.  Исто така, една од поретките форми кои што ги пријавуваат е економското насилство кое што им се врши на жените. Физичкото насилство и согласно Кривичниот законик како телесна повреда и тешка телесна повреда е нормално, едно од најтешкиот облик, односно убиство по член 123 став 2 точка 1 при вршење на семејно насилство каде што се надеваме дека ќе интервенираат и ќе го додадат и родово базирано насилство врз жени за да биде во целост препознаено како отежителна околност. Каде ги лоцираме причините за овие насилства? Дали можеби нееднаквоста ги предизвикува истите? -Нееднаквоста секогаш постоела. Нас многу често ни се случува да нè прашаат каков е профилот на жртва. Профилот на жртва не постои. Имаме профил на насилник кој што го има тоа однесување кое што е исто во сите земји. Жртвата може, независно на која вера и раса припаѓа, независно кој ѝ е економскиот статус и кој степен на образование го има, буквално секоја една жена може во определен период од животот да биде жртва на која било форма на насилство. Исто така, може да биде демнета без да го знае тоа или да предизвикала нешто кај демначот, значи, да иницирала средба или да се запознаат за да биде деменета. Во секој случај, сметаме дека доколку овие дела почнат да се казнуваат, сигурно би биле намалени. Надвор од институционалната рамка, што секој од нас може да стори, да превенира, да помогне, да поддржи при овие случаи? -Ние како граѓански здруженија можам да кажам дека буквално работиме на терен. Тоа се покажа и за време на пандемијата кога ни се случуваше самите клиентки да не препознаваат како институција која што треба да постапи. Ние не сме, граѓанските здруженија не се институции кои што треба да постапат. Ние сме тука за жртвите да ги информираме, да ги советуваме, да им овозможиме сè што можеме во нашите рамки на можностите, да направиме придружба, да алармираме, да одиме со нив, но, ние не сме институција која што треба да постапи. За време на пандемијата, жртвите нè препознаваа, не само Националната мрежа од каде што доаѓам, туку сите здруженија кои што работат директно на помош и поддршка на жртви, беа препознаени како институции. Ни се јавувале во 11 вечер за време на карантинските денови, кога никој не смееше да излегува после 16 часот, не знаат што да прават и каде да се обратат. Имајќи ги предвид сите овие факти, можеме ли да заклучиме дека има прогрес од донесувањето на Националниот план за имплементација на Истанбулската конвенција кај нас? Како стоиме во тој домен? -Има прогрес, со тоа што Националниот акциски план е еден сеопфатен сет на активности кои што треба да придонесат кон успешна имплементација на Истанбулската конвенција. Нашата организација направи еден мониторинг двегодишен од донесувањето октомври 2018 година до октомври 2020 година. Има помрднување по однос на законската регулатива, со тоа што, најслабо се имплементираат активностите во однос на превенцијата. Треба да се работи. Ќе видиме како ќе одат работите во однос на примената на овој Закон за спречување и заштита од насилство врз жени. Веќе се формира Националното координативно тело кое што треба баш буквално да ја следи имплементацијата на Истанбулската конвенција, па ќе видиме што од нивните работни средби и извештаи ќе дадат. Дали вашата експертиза е препознаена и како институциите ја прифаќаат истата? -Експертизата е препознаена. Нè вклучуваат во работни групи. Но, не е само да бидеме вклучени во работната група. Имавме една ситуација кога сме биле вклучени во работна група, а не ни знаевме дека сме дел од таа работна група. Работните групи се работни групи, кои што работат независно дали на законските измени, на подзаконските акти, на оваа програма што ви ја споменав за реинтеграција. Важно е што ќе излезе на крај. Едно е да работиме ние на работната група во измените на Кривичниот законик, да се слушне гласот на жените жртви на насилство, да се слушне гласот на жртвите на семејното насилство, бидејќи ние како граѓански организации сме најблиску до нив. И сме на прва линија за да им ги пренесеме нивните искуства директно од терен, а друго е да бидеме консултирани, а потоа повторно да се пушти некој што не соодветствува со тоа што сме го разговарале во работните групи. Препознаени сме претежно и од медиуми, а имаме заедничка соработка и со Клубот на парламентарки, така што работиме заедно на подобрување на системот на заштита и превенција. Аврамоска Нушкова заклучува дека треба да се чита, информира и да се разменуваат искуства. Треба да се зборува, вели таа, не треба да правиме табу од секоја тема. Децата во образованието треба да бидат информирани, да го распознаваат врсничкото насилство. Според неа, подигнувањето на јавната свест не е процес на една кампања,тоа е тековно и континуирано. Ангела Рајчевска видео: Аслан Вишко

 

Остани поврзан