• среда, 25 декември 2024

Аналитичари за МИА: Негативна кампања и на овие избори, но кај граѓаните тоа има спротивен ефект, потребен нов ентузијазам

Аналитичари за МИА: Негативна кампања и на овие избори, но кај граѓаните тоа има спротивен ефект, потребен нов ентузијазам
Скопје, 22 февруари 2020 (МИА) - Негативна реторика и напади кон спротивната страна ќе бидат карактеристични и за оваа кампања за парламентарните избори, што може да се согледа и од секојдневните партиски препукувања, на еден месец пред отпочнување на официјалната кампања. И самиот премиер Оливер Спасовски неделава рече дека ова ќе биде една од „највалканите“ кампањи досега. Аналитичарите за МИА велат дека поголем ефект за граѓаните на овие избори би имало давањето еден нов импулс и нов ентузијазам, отколку негативна кампања и напади кон противникот. Тие за МИА велат дека негативната кампања може дополнително да влијае на намалување на излезеноста, но не драстично, бидејќи станува збор за парламентарни избори. На прашање од МИА дали евентуалното добивање датум за преговори со ЕУ во март, би имало некакво влијание врз изборните текови, тројцата аналитичари се на различно мислење. За едни тоа би дало поттик на оптимизам и валидација на сегашните политики на власта, додека за други тоа е нешто што граѓаните го очекуваат 11 години и затоа не може да има посериозно влијание врз изборните перцепции на граѓаните. Аналитичарот Петар Арсовски за МИА рече дека високите тензии и постојаната политичка криза ќе придонесат и оваа кампања да биде на високи и негативни тонови. - Мислам дека, и покрај формалните заложби на партиите за позитивна кампања, реалноста ќе биде на ниво на конфронтација, смета Арсовски. На слично мислење и аналитичарот Алберт Муслиу, кој смета дека предизборната кампања ќе биде една од „највалканите“, од причина плус што, според него, партиите во своите блокови немаат голема разлика во анкетите, така што ќе се трудат таа маргина да ја надополнат со негативна кампања. - Според мене, тоа е погрешно, затоа што искуството во минатото ни покажа дека, па дури ни прислушуваните материјали не беа одлучувачки за граѓаните. Мислам дека треба да се наметне нов ентузијазам за граѓаните, нова надеж, и тоа ќе биде поефективно отколку негативната кампања кон спротивниот блок, рече Муслиу за МИА. Во врска со лажните вести, кои се сè повеќе присутни, Муслиу смета дека нашите политички гарнитури, секој од свој интерес не покажаа ниту доблест, ниту храброст за да го регулираат тој сектор. Аналитичарот Владимир Божиновски смета дека политичките кампањи во земјава редовно изобилуваат со негативна реторика и напади кон противникот, иако, според него, тоа не е карактеристика само за нас, туку е стандарден сегмент во предизборната реторика на глобално ниво. - Сепак, потребно е да се најде баланс помеѓу позитивниот и негативниот сегмент од предизборните активности на партиите. Негативната кампања може дополнително да влијае на намалување на излезеноста, која за овие избори се предвидува да биде пониска од претходните неколку изборни циклуси, изјави Божиновски за МИА. Во врска со изјавата на премиерот Спасовски, вели дека таа во најмала рака е неочекувана, со оглед дека како актуелен технички премиер и претходно министер, тој и неговата партија како дел од власта, треба да се фокусира на позитивниот, а не на негативниот сегмент од кампањата. - Во политичките кампањи генерално вообичаено кај власта доминира позитивна реторика, која би требало да ги претстави нејзините достигнувања во текот на владеењето, додека негативната реторика е повеќе карактеристична за опозицијата како критика за власта. Доколку власта навистина оди повеќе со негативна кампања како што најави Спасовски, на тој начин таа самата би го признала неуспехот на нејзиното управување со државата, оценува Божиновски. Економијата во фокусот на кампањата Во однос на тоа што ќе преовладува во предизборната кампања, аналитичарите сметаат дека економијата претежно ќе биде во фокусот на предизборните програми. Алберт Муслиу за МИА рече дека партиите во своите програми ќе се концентрираат на економијата, но како што вели, во процесот на зборување за економијата ќе почнат со негативна кампања кон спротивниот блок и такви тенденции, според него, веќе можеме да насетиме при јавните настапи во неофицијалната кампања. Во однос на тоа дали промената на името ќе се користи кај опозициските партии во кампањата, вели дека искуствата барем во овој период покажаа дека користењето на таа тема не е од голема полза, тоа зависи како ќе проценат самите граѓани. Аналитичарот Божиновски е на слично мислење дека економијата ќе биде во фокусот во оваа предизборна кампања. - Сметам дека економијата, вклучително инвестиции, намалување на невработеноста и раст на животниот стандард, како и досега, ќе биде во фокусот на предизборните програми, иако се наметнуваат и неколку други теми, кои стануваат приоритетни во последниве години, како што се правосудството, борба со корупција и непотизам, но и екологијата, пред сè од аспект на справување со загадениот воздух. Дополнителни теми што може да бидат во фокусот на кампањата се секако здравствената заштита и образованието, вели Божиновски за МИА. Петар Арсовски, пак, смета дека партиите од власта ќе ги истакнуваат успесите и ќе имаат наратив на континуитет, додека партиите во опозицијата ќе имаат наратив на дисконтинуитет. Граѓаните се заморени, но не од избори, туку од неисполнети ветувања Тројцата аналитичари за МИА велат дека граѓаните чувствуваат замор од избори, но тоа не би требало да доведе до ниска излезеност на самиот ден на гласање. Арсовски вели дека е точно оти граѓаните чувствуваат замор од избори, но, според него, излезеноста е релативно инертна категорија, и не може толку драматично да се смени, можеби, како што вели, од 1,2 милион на минатите избори, да биде сега близу до милион, но не пониско од тоа. Аналитичарот Муслиу, пак, за МИА истакна оти не верува дека изборите ќе завршат со ниска излезеност, бидејќи се парламентарни. - Партиите ќе се вклучат да ги извадат на гласање своите членови и симпатизери. А заморот се чувствува. Ние не сме во кампања пет месеци. Ние сме 15 години. Мислам дека сите го чувствуваат заморот од избори, не само граѓаните, туку и сите општествени чинители, медиуми и ние, аналитичарите, значи сите сме заморни од тоа, рече Муслиу. Божиновски за МИА вели дека аргументот „замор од избори“ не е релевантен како објаснување за ниска излезеност. - Ние имавме повеќе циклуси на предвремени избори од 2006 до 2016 година, а најголемата излезеност беше забележана токму во 2016, така што аргументот „замор од избори“ сметам дека е нерелевантен како објаснување за ниска излезеност. Намалување на излезеноста може да биде резултат на неисполнети ветувања на власта или на слаба понуда на опозицијата. Која од овие причини би довела до намалување на излезеноста ќе видиме по изборите на 12 април, кога ќе биде познат степенот на поддршката што граѓаните ја дале на секоја од политичките партии или коалиции, рече Божиновски. Евентуалниот датум за преговори и влијанието врз изборите На прашањето од МИА дали евентуалното добивање датум за преговори со ЕУ во март, би имало некакво влијание врз изборните текови, тројцата аналитичари се на различно мислење. Арсовски вели дека секако тоа би имало влијание и би дало поттик на оптимизам, на валидација на сегашниот курс на државата, и со тоа, ќе ѝ помогне на власта. Аналитичарот Муслиу е на слично мислење. - Секако дека би имало влијание. Нема ниедна тема што би имала прекршувачко влијание. Но секој дел од мозаикот би имал влијание во одредени интересни групи. Можеби тие разочараните кои сакаат власта да ги мотивира да гласаат, можеби тоа би ги поттикнало да излезат да гласаат, изјави Муслиу за МИА. Натаму, тој наведува дека и самите нови ставови на одредени европски чинители, па и на самиот претседател Емануел Макрон, дадоа позитивен импут на напорите на мнозинството да ги мотивира гласачите да излезат. - Кампањата почнува на 23 март, а состанокот на Советот на ЕУ е на 26 март и секако дека ќе има влијание, вели тој, и повтори дека кога има мала разлика во маргините, секое позитивно влијание ќе има ефект. - Не се разликите драстични, па едната или другата страна да се чувствуваат комотно. Мислам дека сите ќе бидат претпазливи како ќе се однесуваат во изборната кампања во смисла во давање надеж на граѓаните, а во последната недела од кампањата би можеле да очекуваме секакви ветувања. Во оваа смисла, ќе видиме какви ефекти ќе даде и новиот Закон за Јавно обвинителство, дали ќе има некоја завршница на судските процеси и сето тоа влијае. Кое било мало влијание може да има ефект на севкупниот резултат, затоа што маргините се многу мали, истакнува Муслиу за МИА. Аналитичарот Владимир Божиновски е на различно мислење и смета дека датумот за преговори е нешто што граѓаните го очекуваат и сметаат дека треба да ѝ биде доделено на Македонија со оглед на тешките компромиси што беше принудена да ги прифати изминативе две години. - Затоа датумот за преговори повеќе се перципира како нешто што ни следува поради промена на името, отколку како награда за успех во реформите. Препораки за почеток имавме од 2009 година, а одложувањето на преговорите беше исклучиво поради ветото наметнато од Грција, како начин на притисок за промена на името. Затоа не верувам дека евентуалното добивање датум за преговори во март може да има посериозно влијание врз изборните перцепции на граѓаните, вели Божиновски за МИА. Неда Димова Прокиќ  

Остани поврзан