• сабота, 23 ноември 2024

Анализи во ЕУ и САД: И Америка е загрижена дека поделбите ќе ја растргнат и ослабат Европа

Анализи во ЕУ и САД: И Америка е загрижена дека поделбите ќе ја растргнат и ослабат Европа

Берлин, 5 јули 2024 (МИА) - Резултатите од изборите можат да ја распарчат Европа... парализата доаѓа во Европа, оценува Европскиот совет за меѓународна политика (ЕЦФР), додека професорот на Универзитетот во Оксфорд Тимоти Гартон Еш верува дека, со подемот на тврдокорната десница и избори, „а, исто така, доколку (Доналд Трамп) победи на претседателските избори во САД, Европската унија е во голема опасност да се подели наместо да се обединува, пренесе Бета.

За ова предупредуваат и други аналитичари и медиуми во ЕУ, но водечките американски експерти за надворешна политика, како професорот на Универзитетот Џон Хопкинс, Хал Брендс, се на мислење дека враќањето на Трамп на власт „ќе ја врати Европа без американската поддршка во анархијата и нелиберално минато“.

Списанието „Форин полиси“ блиско до американскиот Стејт департмент смета дека „историјата повторно ја зафати Европа... долгиот период на релативен мир од 1945 до 2022 година беше исклучок“.

Главниот уредник на тоа списание, Рави Агравал, пишува дека по руската инвазија на Украина, „европските престолнини почнале да ја обновуваат сопствената одбрана, бидејќи веќе нема гаранција дека ќе бидат заштитени со американско оружје“.

„И покрај гравитацијата на моментот“, додава уредникот на американскиот магазин, „обидот на Европа да создаде обединет фронт изгледа како буре со многу дупки: во Белград, Братислава и Будимпешта, лидерите пријателски настроени кон Кремљ лансираа бран на дезинформации и заплашувања за да се остане на власт“.

Агравал посочува и дека „успехот на екстремно десничарските партии на изборите за Европскиот парламент ги зголеми стравувањата за европската стабилност“.

„Од европска гледна точка, светот изгледа заканувачки“, додава уредникот на „Форин полиси“ и забележува дека Трамп вели дека ќе ги повлече САД од НАТО, „но дури и да не го стори тоа, Вашингтон се чини дека се фокусира многу повеќе на Пекинг отколку на Брисел“.

И, како што подвлекува, „другите земји видоа дека старите врски на Европа се истрошија и се обидуваат да го искористат тоа, па кога кинескиот претседател Си Џинпинг дојде на турнеја во Европа, ги посети Франција, Унгарија и Србија - земји кои ја задржуваат својата стратешка автономија или сакаат да го поткопаат приматот на Европската унија и НАТО“.

„Форин Полиси“ заклучува дека „колку е послаба раката на Европа, толку повеќе остатокот од светот ќе се обидува да го подели и освои тој континент“.

Професорот Брендс е уште попесимист и вели дека „ако има поука од минатото на Европа, тоа е дека колапсот и падот можат да дојдат побрзо и подлабоко отколку што може да се замисли“.

Тој особено ја има предвид можноста Трамп да влезе „во Белата куќа и да ја остави Европа на сопствената судбина, па затоа смета и дека Европа може да биде „распарчена на делови, вовлечена во меѓусебни конфликти какви што постоеле со векови претходно“.

Угледниот германски сајт „Евроинтелиџенс“ предупредува и дека „како (францускиот претседател Емануел) Макрон, кој ги распиша изборите и ги фрли сите свои банкарски влогови на коцкарската маса, западот и Европа презедоа сличен непресметан ризик со своите геополитички одлуки.

-А, тоа е е ветување за неограничена поддршка на Украина во остварување на целосно небулозни воени цели“.

„Тоа се исто така“, како што додава авторот на анализата Волфганг Муншау, „воведување санкции без да се разбере како да се излезе од нив, безусловна поддршка за Израел, како и имплицитна закана за војна со Кина поради Тајван“. 

И, како што истакнува, „амбициозните геостратешки цели на Западот се во остра контраст со тоа што ние колективно не сакаме да ги направиме потребните жртви за тоа“.

„Нашиот систем на благосостојба не е само економски неодржлив, туку и политички...и ова е геополитички ризик, бидејќи нашите општества се многу поранливи, покревки од оние во Кина и Русија“, заклучува Еуроинтелиџенс. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан