• понеделник, 23 декември 2024

Анализа на Хелсиншки комитет за човекови права: Мораме да ги зајакнуваме механизмите во борбата против говорот на омраза

Анализа на Хелсиншки комитет за човекови права: Мораме да ги зајакнуваме механизмите во борбата против говорот на омраза

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) - Ние долги години работиме во феноменот на говор на омраза, но без никаков соодветен напредок во таа сфера, бидејќи говорот на омраза во Македонија и понатаму не се санкционира. Мораме да продолжиме да ги зајакнуваме нашите механизми коишто треба да ни помогнат во борбата против говорот на омраза и мислам дека ваквите анализи можат да ни го трасираат патот во идниот период, а идниот период ние ќе се насочиме кон обуки на тие коишто треба да го спроведуваат законот, значи на органите на прогонот, истакна извршниот директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, на денешната изјава за медиумите за време на Конференцијата за говорот на омраза во Република Северна Македонија: Законска рамка и утврдување на институционалниот јаз во регистрирањето и обработката на говорот на омраза.

Таа додаде дека конференцијата се однесува на зајакнувањето на националните механизми за говор на омраза и дека во рамки на проектот направени се две анализи коишто беа презентирани на денешната конференција.

-Главна цел на оваа конференција е да видиме што откриваат тие анализи. Анализите се осврнуваат делумно на законодавната рамка, но и на тоа како органите на прогон одговараат. Ние бележиме еден негативен тренд кога станува збор за нашите кривични пријави. Најголемиот дел, речиси ниту една не е прифатена од страна на Јавно обвинителство, изјави Пировска.

Професорката Елена Михајлова Стратилати и јавниот обвинител Александар Маркоски, кои изработиле анализи во две компоненти, односно „Анализа на законската рамка на Северна Македонија за регулирање на говорот на омраза“ и „Анализа за утврдување на институционалниот јаз во однос на регистрирањето и обработката на говорот на омраза во Северна Македонија“, во изјава за медиуми обелоденија делови од резултатите на нивните анализи.

Иако постои значително подобрување во разбирањето на самиот концепт говор на омраза во последните години, Михајлова Стратилати рече дека тоа е резултат на активностите главно на меѓународните организации и граѓанскиот сектор.

-Потребно е натамошно доразјаснување на самиот концепт говор на омраза, на концептуалните нејаснотии, а разглобување во таа насока дека не секоја омраза е говор на омраза. Така што покрај обуките на релевантните активни чинители во справувањето со говорот на омраза, мислам дека и соодветните формулации на законските одредби ќе имаат клучна улога во оваа смисла, изјави таа.

Како сегменти во коишто треба да се делува, таа ги посочи кривично-правните одредби, коишто се и предмет на нејзината анализа, формулирање на нова одредба за говор на омраза, како и можност на едно јасно именување на мандатот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, односно експлицитен мандат за говор на омраза, како и изработка на законски решенија за справување со говорот на омраза на интернет.

Јавниот обвинител Александар Маркоски кој исто така е дел од анализата на тема „Статистика и регистрирање на говорот на омраза“ рече дека неговата анализа покажува дека надлежностите согласно законот не се еднострани туку станува збор за, како што кажа, еден меланж на државни институции и дека постојат механизми, од кои ги наброја МВР, Владата, Комисијата за заштита и спречување на дискриминација, ААВМУ.

-Кога сме кај сите овие органи на извршната власт не треба да се заборави дека може и треба да дејствуваат, но сето тоа треба да се фузира, да се артикулира и да се собере во еден центар, рече Маркоски спомнувајќи ги и правосудните органи кои се во спрега и со извршните органи како и Државниот завод за статистика со којшто правосудните органи традиционално соработуваат и даваат податоци.

Тој го спомна и Собранието каде што рече дека се случило да постои говор на омраза, но напомена дека Собранието има свој деловник, меѓутоа настрана од извршната власт и правосудните органи, како трета власт треба да вложи напор во сузбивање на проблемот, кој според него подразбира и регистрирање и водење на статистика за говор на омраза. сх/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан