• недела, 22 декември 2024

Анализа на НАкС: Многу средства одлеани од буџетот за стипендии за студии во странство, а корисниците најчесто не се враќаат во државава

Анализа на НАкС: Многу средства одлеани од буџетот за стипендии за студии во странство, а корисниците  најчесто не се враќаат во државава

Скопје, 7 ноември 2023 (МИА) – Голем број од студентите кои добиле скапа стипендија од државниот буџет за студии на еден од првите сто рангирани универзитети на Шангајската листа не се вратиле во земјава. МОН нема анализа за нивната кариера по дипломирањето, ниту, пак, тие што останале во странство ја вратиле стипендијата во десеткратен износ како што е пропишано во конкурсот.

Овие стипендии, кои за додипломски студии се во годишен износ од 40.000 евра, а за магистерски 36.000  евра, се доделуваат без прецизно и соодветно дефинирани критериуми за рангирање и избор на студентите и без анализа кои области за студирање се од интерес на нашата земја или му се потребни на стопанството. Притоа, министерот за образование и наука има дискрециско право во одлучувањето.

Ова го заклучува анализата на Независниот академски синдикат (НАкС) насловена „Исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа“.

Кариерите на корисниците на стипендиите за студии во странство НАкС самиот ги откривал следејќи ги профилите на  платформи како Линкдин, при што е утврдено дека од 61 кои  добиле стипендија за прв циклус, во земјава се вратиле само 11, во странство останале 41, а за девет немаат податоци. Ова се однесува на периодот од академската 2013/2014 до 2016/2017, но за последните шест академски години НАкС не добил податоци од МОН. 

Од 165 стипендии доделени за магистерски студии, пак, во земјава се вратиле 59 корисници. Податоците за втор циклус (магистерски студии) се за периодот од 2010/2011 до 2021/2022 година. Синдикатот не добил податоци за корисници на оваа стипендија за трет циклус (докторски) студии.

Поради недостапност до сите податоци, НАкС неофицијално проценува дека над 300 лица добиле ваква стипендија за студии на некој универзитет од првите 100 рангирани на Шангајската листа и дека за нив е потрошен огромен  буџет, кој се движи од 10 милиони евра до дури 24,4 милиони евра – податок што бил објавен од Стопанската комора. 

Проф. Мимоза Ристова презентирајќи ја анализата денеска рече дека најчесто студирале (и останувале) во Велика Британија, САД, во земји на ЕУ, но и во Швајцарија и Израел. Од корисниците на стипендија за прв циклус, во земјава не се вратиле 67 отсто, а 48 отсто од тие со стипендија за магистерски студии, иако имале обврска да работат во државава. За четиригодишни додипломски студии, рече Ристова, тоа се 160.000 евра.

-Значи, само за периодот 2013/2014 – 2016-2017, биле дадени 2,5 милиони евра, а во исто време издвојувањето од буџетот за наука во нашава држава е 0,02 отсто. За 67 отсто кои не се вратиле биле потрошени 1,7 милиони евра, кои од нашиот сиромашен буџет сме ги платиле за поттикнување на економскиот развој на други држави, рече проф. Ристова.

За магистерските студии, за кои има податоци за периодот од 2010 до 2021, платени се 6 милиони евра за стипендии, односно 2,8 милиони евра, рече Ристова, за поттикнување на економијата на други земји зашто таму да работат останале 47 проценти од стипендираните.

На прашање дали меѓу корисниците што ги истражиле  наишле на „звучни“ имиња, Ристова рече дека препознала некои презимиња, но сепак не е сигурна, и дека целта им била не да следат судбини на луѓе, туку да ги следат парите на државава.

Проф. Мирјана Најчевска рече дека стипендирањето не е регулирано со Законот за високо образование и дека никаде во законите нема критериуми по кои ќе се одреди потребата од финансирање студенти во странство. Информации за условите и критериумите, според наведеното во конкурсите за овие стипендии, рече Најчевска, кандидатите добиваат усно во МОН, а министерот има дискреционо право за пропишување на видот на стипендиите и начинот на нивното доделување. Во законската регулатива и во подзаконските акти, рече, нема процедура за враќање на парите - иако е предвидено студентот да потпише меница, нема процедура како таа ќе се активира доколку студентот не работи две години во државава, по завршување на студиите. Конкурсот наведува десеткратно враќање на парите. 

-На прашањето до МОН - дали има случаи кога е активирана меницата односно случаи кога студентите вратиле пари, ни одговорија дека нема ниту еден таков случај. Видовме колку студенти останале да работат во странство. Тие студенти не одработиле ниту еден единствен ден во државата. Значи дека ова е класична кражба, а не само несоодветно работење со буџетските пари. Затоа што меницата, според облигационите односи,  е јавна исправа врз која треба да се вратат пари кои се земени, истакна Најчевска. 

Според анализата што ја презентираше НАкС, најголем број стипендии биле дадени во 2014/2015 година. За додипломски студии, на пример, во 2014/2015 биле доделени 25 вакви стипендии, односно 600 проценти повеќе од претходната академска година кога биле доделени четири.

Професорите од НАкС на презентацијата истакнаа дека стипендирањето за студии во странство почнало во 2010 година и дека токму тогаш државата престанала да ги објавува конкурсите за финансирање магистерски и докторски студии во земјава и за финансирање научно-истражувачки проекти.

Од пет министри за образование во изминатиов период барале овие стипендии да се укинат и средствата да се пренасочат за нашата наука и истражувачки проекти, но министрите само се согласиле дека оваа програма за стипендирање е штетна. Пред околу два месеца МОН објави нов повик за 10 вакви стипендии при што, како што укажаа, не се наведени областите на студиите. 

Проектот „Aнализи на НАкС за исплатливоста од стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од шангајската листа“ е изработен и финансиран од Независниот академски синдикат. Анализата во целост ќе биде објавена на веб-страницата на НАкС. хс/аа/

Фото: МИА

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан