• четврток, 26 декември 2024

Анализа на законска регулатива за подобро информирање на младите за нивните права

Анализа на законска регулатива за подобро информирање на младите за нивните права

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) - Потребна е целосна, доследна и навремена имплементација на законите и подзаконските акти, со посебен осврт на Законот за младинско учество и младински политики, преку формирање тела предвидени во зкаонот, како и донесување локални стратегии за млади од страна на општини во државата, покажува анализата на законска регулатива за млади, изработена од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС).

Целта на анализата, изработена во рамки на проектот PPAY - Prepared Proactive and Alerted Youth финансиран од ЕУ, е поголемо запознавање и информирање на младите во врска со нивните права.

Освен појаснување на законите кои се однесуваат на младите, во анализата се наведени и неколку препораки.

Исто така, се препорачуваат програми за поголема информираност на младите за нивните законски права и обврски. Како што се вели во анализата, правната рамка треба да ја земе предвид интерсекционалноста на младите луѓе, признавајќи дека тие може да се соочат со повеќе форми на дискриминација.

Препорачливо е да се развиваат и да се промовираат програми за правна писменост насочени кон младите луѓе со цел да ги поттикнат со знаење за нивните права и одговорности. Според анализата, треба да се спроведуваат политики и иницијативи што обезбедуваат еднаков пристап до квалитетно образование, без оглед на социоекономскиот статус, етничката припадност или географска локација. 

Младите, се вели во анализата, треба да се вклучат во развојот и прегледот на законите и политиките поврзани со млади. Потребно е формирање на младински советодавни тела или форуми за да се зајакне нивниот глас.

-Сметаме дека за жал младите во нашата држава не се доволно запознаени со законите и подзаконските акти кои ги тангираат нив и со самото тоа не се запознаени со нивните права. Ние издадовме анализа на закони за млади со цел да ги доближиме законите до младите, за тие да можат да се борат за своите права. Има околу 36 закони кои ги опфаќаат младите - студенти, средношколци и оние од основно образование, изјави денеска генералниот секретар на ОДАС, Петар Мицкоски пред конференцијата „Законите и подзаконските акти за млади".

Тој посочи дека закони има, но за жал не се применуваат соодветно. Најави дека ќе работат и на проекти кои ќе анализираат колку и како се спроведуваат законите во нашата држава. Испрати апел законодавците најмногу внимание да посветат на средношколскиот и студентскиот стандард.

Претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска информираше дека ова им е прв проект на кој работат како организација.

-Идејата за ваква иницијатива беше тоа што се почесто се зборува за закони за млади, а имаме впечаток дека младите не се информирани што точно тие закони уредуваат и што точно значат за нив. Работевме активно со адвокатското друштво „Трпеноски“ за анализа на законите и подзаконските акти кои ги опфаќаат младите. Дополнително, во овие активности се вклучија многу млади луѓе а исто така имавме партнерство со Здружението „Рубикон“, рече Угриновска во своето обраќање на конференцијата. 

Пратеничката Марија Петрушевска во обраќањето посочи дека анализата ќе ја имаат во предвид и ќе ја користат во рамките на подготовката на идните законски решенија наменети за младите.

-Сериозна работа е да се опфатат сите законски решенија во оваа анализа. Ние како Клуб на млади пратеници во Собранието, соработуваме со меѓународни и домашни организации. Во Клубот членуваме десетина пратеници кои сме обиденети без оглед на нашата политичка идеологија и политичка партија. Обединети сме околу иднината на младите. Ние не се двоиме во однос на нашата цел, а тоа е дека сакаме многу поквалитетен и подобар живот за сите подеднакво, рече Петрушевска на конференцијата.

Во таа насока, како што потенцираше, изминативе две години изработиле Стратегија односно акциски план, во соработка со меѓународни но и домашни младински организации, чија што цел е подобрување на младинските политики.

-Како што и во анализата утврдувате, во Македонија речиси половина од младите не знаат како да пристапат до институциите или не знаат кои законски решенија се однесуваат на нив или како да ги остварат дел од нивните права кои што ги имаат. Нашата стратегија опфаќа една национална компонента и една регионална компонента. Национална компонента се однесува на истражување на сите законски решенија. Оваа компонента ќе биде корисна за нас во Клубот на млади пратеници, затоа што ќе не насочи како да го подобриме Законот за млади и младински политики. Веќе започнавме активности за измена и дополнување на Законот, откако направивме поширока консултација со младинските организации и јавна расправа, рече Петрушевска.

Таа додаде дека во наредниот период очекува во Собранието да се најде нов текст на Законот за младинско учество, затоа што токму младите одлучиле дека има делови кои што се тешки за имплементација, односно се соочуваат со многу административни потешкотии.

-Во рамките на националната компонента пак, ние како млади пратеници се здружуваме со пратеници од регионот. Почнавме активно со Парламентот во Албанија, каде што ние како Клуб на млади пратеници бевме во Албанија и се обидовме на нашите колеги пратеници од овој Парламент да им го преточиме нашето искуство и да ги мотивираме и тие да формираат Клуб на млади пратеници, за младите да имаат свои претставници во Собранието. Вакви активности ќе продолжат, додаде Петрушевска.бт/аа/

Фото/МИА

 

 

Остани поврзан