• вторник, 17 декември 2024

АмЧам ги презентираше своите стратешки позиции пред политичките партии

АмЧам ги презентираше своите стратешки позиции пред политичките партии

Скопје, 8 април 2024 (МИА) - Одборот на директори на Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) денеска одржа состанок со претставници на политички партии, пред кои ги презентираше приоритетните области и препораките за периодот 2024-2028 година, информираат од АмЧам.

На средбата се потенцирала заложбата за што побрза интеграција со Единствениот пазар на ЕУ заради целосно искористување на можностите што тој ги нуди. Било нагласено дека со цел да се добие добра основа за интеграција во Единствениот пазар во периодот 2024-2028, претстојната стратегија на државата треба да има двостран фокус: развој на функционален деловен екосистем на внатрешен план и продлабочување на регионалните врски на надворешен план за да се создаде взаемно поврзан регионален пазар.

-На политичките партии, како важен чинител во креирањето на јавните политики, им беа презентирани главните препораки на АмЧам со фокус на економскиот развој, предвидливоста на деловното опкружување, дигитализацијата, здравствениот систем, човечкиот капитал и одржливоста како основни столбови  на кои треба да се посвети значајно внимание. Од страна на АмЧам, беше истакната спремноста за споделување на експертиза, поддршка и препораки во реформскиот процес што треба да го испорача развојот на економски систем кој е усогласен со ЕУ вредностите и истовремено нуди прогрес во подобрување на животниот стандард на граѓаните, се вели во денешното соопштение од АмЧам.

Американската стопанска комора во Северна Македонија, како активен партнер на институциите, политичките партии и останатите стејкхолдери, нагчасуваат оттаму, останува подготвена за максимизирање на колективната сила во функција на поттикнување на позитивни промени, економски раст и просперитет и повикува на засилена координација меѓу корпоративниот сектор и креаторите на јавните политики. сст/са/

Фото: АмЧам

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан