• четврток, 14 ноември 2024

АМС целосно ги отфрла наводите од ДКСК

АМС целосно ги отфрла наводите од ДКСК

Скопје, 6 февруари 2023 (МИА) - Агенцијата за млади и спорт сака да ја информира јавноста дека информациите изнесени од страна на членови на Државната комисија за спречување на корупцијата поврзани со даночното ослободување на спортските субјекти, преку т.н. “ваучерски систем”, се тенденциозни и целосно неточни, стои во денешното соопштение на АМС.

Во обраќањето до јавноста АМС ги отфрли наводите на ДКСК

- Сакаме да потенцираме дека и на јавната седница на ДКСК, но и преку тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции инспирирани единствено од лукративни цели, се изнесоа еден куп невистини и погрешно утврдени факти за примената на Законот за спортот и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања, а се во функција на финансиска поддршка на македонскиот спортски систем.

Тука пред се укажуваме на јавното обраќање, исполнето со грст невистини од страна на претседателот на МОК г-дин Даниел Димевски, кој “случајно” коинцидира со денот на одржување на седницата на ДКСК. Имено господинoт Димевски јавно побара разрешување во АМС и итно замрзнување на постапката за доделување на спортски ваучери. При тоа ова е побарано од човекот кој е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери, човекот кој во 2020 година кумулира две функции Претседател на централната комисија за доделување на спортски ваучери, член на управниот одбор на МОК а подоцна и негов претседател, и во исто време човек кој истата таа 2020 година побарува износ од 15 милиони денари за МОК иако требало како претседател да биде свесен дека таа институција во тој момент не ги исполнува законските услови за регулирана спортска дејност.

Основната идеја за донесувањето на мерките за даночни олеснувања во форма на ваучери за спортските субјекти уредени првично со измените во Законот за спортот од 2019 година, имаше за цел да се зголеми државната поддршка на македонскиот спортски систем и да се стимулира приватниот сектор повеќе да инвестира во спортот.

Идејата е поддршка на националните спортски федерации, спортските клубови и индивидуалните спортисти, да биде поставена на цврсти темели кои ќе гарантираат објективност и транспарентност во постапките.

За таа цел, се донесоа неколку измени во Законот за спортот во 2019 година (Службен весник бр.98/19 и 244/19) и се донесе Правилникот во кој се наведени поблиските критериуми за користење на средства од даночно ослободување, начинот на бодување и рангирање како и формата и содржината на Барањата за даночно ослободување. 

Членовите на Централната комисија се на предлог на Владата, но тие не се оние кои ги “доделуваат” ваучерите за даночно ослободување, како што е посочено од страна на ДКСК, туку се административна комисија која врши само административно – техничка обработка и евалуација на пристигнатите апликации и предлог – листата ја доставува до Советот за спорт (кое е стручно – советодавно тело, согласно член 25 од Законот за спортот). Советот за спорт во рок од 5 дена од приемот на предлог-листата на спортски субјекти кои ги исполнуваат критериумите за користење на средства од даночното ослободување, на седница ја утврдува и усвојува предлог ранг - листата. Вака усвоената листа на субјекти Агенцијата за млади и спорт ја објавува на својата веб-страница.

Очекуваме дека надлежните институции во најкраток можен рок ќе се произнесат за обвинувањата на ДКСК со цел јавноста да има целосен увид во работата на Агенцијата за млади и спорт. Истовремено најавуваме дека Агенцијата за млади и спорт е целосно отворена за соработка со сите надлежни институции и воедно заедно со директорот Мојсовски ќе ги преземеме сите правни процеси со цел да се заштити угледот на институцијата, с евели во соопштението на Агенцијата за млади и спорт.

Реакцијата на АМС доаѓа по петочното обвинување од ДКСК и МОК околу неправилности при распределбата на средствата од ваучер-системот. зс/

Остани поврзан