Аморим по 3:0 против Билбао: Мора внимателно да размислиме за реваншот
- Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, призна дека е тешко да се објасни како неговиот тим игра толку различно во Премиер лигата и во европските клупски натпреварувања по победата од 3:0 над Атлетик Билбао

Манчестер, 2 мај 2025 (МИА) - Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, призна дека е тешко да се објасни како неговиот тим игра толку различно во Премиер лигата и во европските клупски натпреварувања по победата од 3:0 над Атлетик Билбао. Првиот полуфинален меч на „црвените ѓаволи“ во Лигата на Европа во Баскија гарантира дека Јунајтед ќе остане единствениот непоразен тим во европските натпреварувања оваа сезона, и покрај фактот дека се на добар пат да го забележат својот најлош резултат во англиската Премиер лига.
-Тешко е да се објасни. Се подобривме во последните неколку натпревари. Не гледам само на резултатите. Имавме некои натпревари во кои победивме, но не игравме добро, а некои ги загубивме, но игравме добро. Понекогаш ви треба само малку среќа. Можеме да го добиеме ова натпреварување, а во Премиер лигата едноставно страдаме натпревар по натпревар и се обидуваме да се справиме со обете работи, како и со некои повреди. Понекогаш е уште потешко за играчите. Знам дека е тешко да се разбере, но понекогаш тоа е контекстот, начинот на кој ги гледаме работите, изјави тој.
Сепак, Аморим верува дека местото на Јунајтед во финалето на Лигата на Европа сè уште не е целосно обезбедено, иако трите гола во првото полувреме им даваат голема предност на гостите во реваншот следната недела во Манчестер.
-Мислам дека мора внимателно да размислиме за реваншот. И тие мора да размислуваат повеќе за првите 20 минути отколку за остатокот од натпреварот бидејќи натпреварот ќе биде навистина тежок. Сè може да се промени и тоа е мојата порака до играчите. Сега мора да размислуваме за Брентфорд за време на викендот, а потоа и за реваншот со Атлетик Билбао, заклучи тренерот. дс
Фото: Архива