• вторник, 24 декември 2024

Американскиот јавен обвинител ги бранеше менталните способности на Бајден: „Гледав како стручно води состаноци“

Американскиот јавен обвинител ги бранеше менталните способности на Бајден: „Гледав како стручно води состаноци“

Вашингтон, 17 април 2024 (МИА) - Говорејќи на панел дискусија пред претставници на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, американскиот државен обвинител Мерик Гарланд ги бранеше менталните способности на претседателот Џо Бајден.

- Претседателот нема (ментални) попречености. Го гледав како стручно води состаноци на персоналот и разговара со членовите на кабинетот за надворешна политика, воени и стратешки прашања. Имам целосна доверба во претседателот, рече Гарланд, истакнувајќи дека Бајден бил одлучен во донесување одлуки за заштита на американските национални интереси.

Бајден, кој наполни 81 година, е најстариот претседател во историјата на САД. Сепак, во екот на изборната кампања во која тој се натпреварува за втор мандат во Белата куќа со неговиот републикански ривал Доналд Трамп (77), анкетите на јавното мислење покажуваат дека годините на Бајден се најголема грижа за американските гласачи. Прашањето за менталните способности на претседателските кандидати стана главна тема на овогодинешната претседателска кампања, имајќи предвид дека Бајден и Трамп се двајцата најстари кандидати кои се избрани на позицијата американски претседател. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан