• вторник, 24 декември 2024

Американскиот Сенат го усвои инфраструктурниот план на Бајден

Американскиот Сенат го усвои инфраструктурниот план на Бајден
Вашингтон, 10 август 2021 (МИА) - Американскиот Сенат со големо мнозинство денеска го одобри големиот план на американскиот претседател Џо Бајден за инвестирање 1.200 милијарди долари во инфраструктура, што претставува голем успех за демократскиот претседател, иако законот допрва треба да добие одобрение во Долниот дом. Овој „историски“ проект, како што истакнува Белата куќа, беше усвоен со 69 гласови „за“ и 30 „против“, со поддршка на повеќе од една третина од републиканците, што е реткост во инаку крајно поделениот Конгрес. Предлог -законот сега оди во Претставничкиот дом, каде што неговата судбина е понеизвесна, бидејќи се појавија несогласувања во тесното демократско мнозинство, помеѓу левото крило и центристите. Преговорите најверојатно ќе бидат тешки, а конечното гласање во Конгресот може да се одржи дури наесен Плод на реткиот компромис меѓу демократите и некои републиканци, планот за инвестиции во инфраструктура предвидува 550 милијарди американски долари нови федерални трошоци за патишта, мостови, транспорт, широкопојасен интернет и борба против климатските промени. Инфраструктурниот план е главниот приоритет на демократскиот претседател. Неговата вкупна вредност достигнува 1200 милијарди долари, што одговара на БДП на Шпанија во 2020 година. Сенатот сега ќе се фокусира на разгледување на вториот голем план на Бајден, кој предвидува инвестирање 3,5 трилиони долари во „човечка инфраструктура“, за социјални програми и климатски промени. Планот предвидува големи распределби за образование, здравство, пазар на труд и клима и е најголем од „Њу дил“ на Рузвелт во 1930-те. Белата куќа посочува дека ова е инвестициски план што се случува „само еднаш во генерација“ и кој се обидува да ги исправи прекумерните неправди во американската економија. ссм/зш/

Остани поврзан