• вторник, 24 декември 2024

Американската војска поради техничка грешка испратила милиони мејлови во Мали

Американската војска поради техничка грешка испратила милиони мејлови во Мали

Вашингтон, 18 јули 2023 (МИА) – Поради мала печатна грешка милиони американски воени мејлови биле испратени до африканската држава Мали. Наместо да го пишуваат доменот .mil, што се користи за сите адреси на е-пошта на американската војска, некои погрешно напишале .ml, што е домен за африканската земја Мали.

Резултатот од таквата грешка бил постојан проток на чувствителни информации што се испраќале во Мали, пренесува Би-би-си.

Ниту еден од погрешно испратените мејлови не е класифициран како доверлив, но весникот „Фајненшл Тајмс“ (ФТ) наведува дека тие вклучуваат медицински податоци, мапи на американски воени објекти, финансиска евиденција и документи за планирање на службени патувања, како и некои дипломатски пораки.

Според ФТ, што прв ја објави приказната, холандскиот интернет експерт Јохан Зурбиер бил првиот што уште пред 10 години предупредил за проблемот. Тој во 2013 година склучил 10-годишен договор за управување со државниот домејн на Мали, што наскоро ќе истече, а во последните месеци, наводно, собрал илјадници погрешно насочени е-пошта.

Неодамна Зурбиер напишал писмо до американските власти за да ги алармира.

„Ризикот е реален и може да биде искористен од противниците на САД“, напишал Зурбиер во писмото.

Воената влада на Мали вчера требаше да ја преземе контролата врз домејнот.

Пентагон, во меѓувреме, соопшти дека презел чекори за решавање на проблемот. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан