• среда, 25 декември 2024

„Ал Џезира“ тврди дека израелската армија накратко уапсила еден од нејзините известувачи

„Ал Џезира“ тврди дека израелската армија накратко уапсила еден од нејзините известувачи

Газа, 19 март 2024 (МИА) - Катарската телевизија „Ал Џезира“ вчера ја обвини израелската армија дека го претепала и уапсила еден од нејзините новинари Исмаил Алгул за време на операцијата што израелските војници ја покренале против болничкиот комплекс „Ал Шифа“ во градот Газа, објавија француски медиуми. 

„Ал Џезира“ синоќа објави дека нејзиниот известувач е ослободен.

-Окупациската армија брутално го претепа новинарот на „Ал Џезира“, Исмаил Алгул, пред да го уапси во болничкиот комплекс „Ал Шифа“, објави вчера „Ал Џезира“ во порака на социјалната мрежа „Х“.

Извор на Ал Џезира, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека се уапсени и пет други новинари, вклучувајќи го и снимателот на Алгул, и дека израелски тенк им го уништил возилото.

Во соопштението, „Ал Џезира“ побара итно ослободување на својот дописник и на другите новинари уапсени со него.

Телевизијата додаде дека како резултат на апсењата биле уништени „автомобил на репортер, камери и друга опрема“.

САД, кои се близок сојузник на Израел, рекоа дека се свесни за инцидентот и побарале повеќе информации од израелската влада.

-Генерално, јасно ставаме до знаење дека новинарите играат витална улога и ниту еден новинар не треба да биде цел за да го замолчи нивниот глас во овој или кој било друг конфликт, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател на новинарите во Вашингтон.

Израелската армија вчера започна операција против болничкиот комплекс „Ал Шифа“, најголемиот во Појасот Газа, кој според неа го користат „високи терористи“ од палестинското исламистичко движење Хамас.

Илјадници цивили кои бегаат од борбите се засолниле во оваа болница. Израелската армија го повика цивилното население да ја евакуира болницата.

Во февруари, „Ал Џезира“ го обвини Израел дека систематски го напаѓа својот персонал кој работи во Газа.

Според Комитетот за заштита на новинарите (CJP), организација со седиште во Њујорк, најмалку 95 новинари, од кои 90 Палестинци, се убиени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.

Двајца новинари на „Ал Џезира“ се убиени во Појасот Газа од 7 октомври, а шефот на бирото на каналот во палестинската енклава е ранет. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан